Многумина купија огромни количества свежа храна и сега се водат по принципот дека е жално да се фрли толку храна, а стравот од недостиг е уште една причина што нè тера да јадеме
Експертите предупредуваат на масовна дебелина, бидејќи сите сме затворени во своите домови, бараме начин за излез од стресната ситуација, а и направивме резерви на храна. Повеќе од една четвртина од планетата е ставена во изолација, а многу земји не го сметаат вежбањето како причина да го напуштат домот.
Нутриционистката Беатрис де Рејнал во изјава за „Дејли мејл“ вели дека не се знае дали од карантинот ќе излеземе посилни, но секако ќе бидеме здебелени.
Поради намалувањето на физичката активност, ние дневно согоруваме околу 400 калории помалку во просек од вообичаеното. Специјалистите велат дека единствениот начин да се справите со вишокот тежина е да јадете помалку.
– Тоа може да ни се случи на сите, дури и ако вежбаме. Јас сум првиот што во оваа ситуација се одлучи за чоколадо наместо за јаболко – предупредува францускиот тренер и специјалист за слабеење Жулијан Мерсија.
Многумина купија огромни количества свежа храна и сега се водат по принципот дека е жално да се фрли толку храна, а стравот од недостиг е уште една причина што нè тера да јадеме. Британската фондација на нутриционисти објаснува дека луѓето консумираат прекумерно количество храна затоа што се дома во стресна состојба, загрижени за тоа како ќе ја платат киријата и дали ќе ја изгубат работата.
– Храната може да биде и утеха. Меѓутоа, прејадувањето е проблем за многумина што не го напуштаат домот и се свртуваат кон готвење за да им помине побрзо времето. Вишокот слободно време треба да се искористи за да се направи здраво мени. Здравата храна не само што може да биде извор на уживање туку и ќе направи да се чувствувате значително подобро – порачуваат од фондацијата.
Експертите сугерираат дека карантинот, всушност, би можел да се искористи за создавање здрави навики во исхраната. Затоа, ако сè уште не сте почнале, сега имате време да готвите и да вежбате. Социјалните медиуми се полни со нови блогери што нè учат како да готвиме здрав оброк и да не јадеме брза храна.
Пригответе свежи тестенини, печете хранлив леб од житни култури, направете вкусно пире од здрав зеленчук. Оваа криза е одлична можност да научиме да се храниме здраво.