Тања Петрушевска, астрофизичарка
Тања Петрушевска е дел од тимот на Универзитетот во Нова Горица што првпат најде доказ за експлозија на супернова, која формирала неутронска ѕвезда што многу блиску орбитира до друга неутронска ѕвезда
Првпат астрофизичарите најдоа доказ за експлозија на супернова, која формирала неутронска ѕвезда што многу блиску орбитира до друга неутронска ѕвезда. Системот на блиски неутронски ѕвезди е важен за астрофизиката бидејќи спојувањето на две неутронски ѕвезди создава гравитациски бранови. Нивното истражување е објавено во престижното списание „Сајанс“. Студијата беше предводена од тим од „Калтек“ (Калифорнискиот институт за технологија), а вклучени беа и истражувач од Универзитетот во Нова Горица, каде што во моментов работи Тања Петрушевска.
Суперновата iPTF14gqr беше откриена на 14 октомври 2014 г., во спирална галаксија оддалечена од нас речиси милијарда светлосни години. Откритието беше направено од Интермедиет паломар трансиент фактори (ИПТФ) на кое се работеше во периодот од 2013 до 2017 година, а Тања Петрушевска е дел од оваа соработка.
Вашето име е дел од тимот што работеше на новото астрономско откритие за доказ за експлозија на супернова. Што е супернова? И што обелодени вашето истражување?
– Суперновите претставуваат насилна смрт на масивни ѕвезди што го потрошиле нуклеарно гориво во нивните јадра и поради тоа колабираат, формирајќи неутронска ѕвезда или црна дупка. Сепак, суперновите се многу ретки феномени во универзумот и нивната минлива природа го отежнува нивното наоѓање. Во просек, супернова експлодира еднаш за околу сто години во галаксија и нејзиниот сјај трае само неколку недели. Значи, не е изненадувачки што стапката на откривање била околу две супернови месечно пред 30 години. Денес, секојдневно можеме да најдеме супернови, со истражувања како што е ИПТФ каде што користевме целосно роботизиран телескоп од 48 инчи на опсерваторијата „Паломар“ со камера од 7,3 квадратни степени.
Спомнавте дека суперновата iPTF14gqr што ја откривте ќе остави зад себе неутронска ѕвезда. Што се неутронски ѕвезди?
– Неутронските ѕвезди се остатокот по експлозија на супернови. Само ѕвездите што имаат многу голема маса можат да завршат како супернови (нашето Сонце е мала просечна ѕвезда, па затоа нема да експлодира како супернова). Неутронските ѕвезди, како што сугерира името, се состојат целосно од неутрони и се неверојатно густи! Замислете дека типична неутронска ѕвезда има маса како онаа на Сонцето, а радиусот е само 10 километри!
Во вашата студија во „Сајанс“ тврдите дека по експлозијата на iPTF14gqr, ќе остане неутронска ѕвезда што орбитира блиску до уште една неутронска ѕвезда. Што се случува кога ќе се спојат две неутронски ѕвезди?
– Кога се судираат две неутронски ѕвезди, тие создаваат експлозија наречена килонова, за која астрономите сведочеа првпат минатата година на 17 август. Оваа килонова, во галаксијата од 130 милиони светлосни години од Земјата, произлезе од експлозијата на две неутронски ѕвезди, кои се споија една во друга. Ова спојување произведе гравитациски бранови (GW170817) и електромагнетно зрачење. Првиот електромагнетски сигнал беше забележан од вселенскиот телескоп „Ферми“, кој собрал блиц на гама-зраци формиран само две секунди по фузија на неутронската ѕвезда. Килонова произведува гама-зраци, но исто така ги содржи и вистинските состојки и енергија потребни за создавање тешки елементи, како што се златото, платината и ураниумот. Значи, златото што е во вашиот накит, најверојатно било произведено при експлозија од килонова!
Значи кога се спојуваат две неутронски ѕвезди се создаваат гравитациски бранови…
– Според општата теорија на релативноста на Ајнштајн, гравитацијата е геометриски ефект, односно може да се објасни како изобличување на континуумот, кој го сочинуваат она што го гледаме во секојдневниот живот како тридимензионален простор во кој живееме и времето што го чувствувам дека работи линеарно и еднонасочно без прекин. Причината за искривување на простор-времето е концентрацијата на маса / енергија во одредени точки. Далеку од масивните тела во космосот, простор-времето е рамно, односно гравитациското влијание на небесните тела е многу мало. Понекогаш, ненадејните поместувања на неколку масивни тела (како што е судир на ѕвезди или експлозии на ѕвезди) може да предизвикаат нарушувања во рамниот простор-време. Овие осцилации се движат со брзината на светлината и ги нарекуваме гравитациски бранови. Далеку од нивниот извор, тие се многу слаби. ЛИГО-опсерваторијата ќе може да открие промена на растојание од 1/10000 од големината на протонот! Ова е еквивалентно на мерење на растојанието до најблиската ѕвезда се наоѓа на 4,2 светлосни години, со точност помала од ширината на влакното од човечката коса!
Што може да очекуваме во иднина?
– ИПТФ се трансформира во „Звицки тренсиент фасилити“, кој неодамна почна и ќе трае три години. Го користи истиот телескоп, но со многу поголема дигитална камера, така што очекуваме уште поголем број необични откритија. Понатаму, нашата група на Универзитетот во Нова Горица се подготвува за „Ларџ синоптик срвеј телескоп“ (ЛССТ), кој со работа треба да почне во 2021 г. со траење од десет години. ЛССТ ќе биде 8,4-метарски телескоп во Чиле и ќе ја има најголемата дигитална камера што некогаш била направена, значи ќе откриваме и ќе следиме експлозии на небото како никогаш порано.
Магистратура во Трст, докторат во Стокхолм
Како се лансиравте во светот на астрономијата?
– Мојот интерес за астрономијата почна уште во основно училиште, а прерасна во хоби во 1999 година кога се зачленив во Скопското астрономско друштво. Во скопскиот планетариум првпат слушнав дека масивните објекти во универзумот го закривуваат простор-времето, што едноставно ме воодушеви. Заедно со другите членови од друштвото го набљудувавме темното ѕвездено небо, што е голема реткост во сите европски држави, но во Македонија сѐ уште постојат места што не страдаат од големо светлосно загадување. Тоа е богатство што Македонија треба да се потруди да го зачува. Додека бев во средно училиште, ги посетував програмите по астрономија во истражувачката станица „Петница“, Србија каде што имавме можност да работиме истражувачки проекти. Тоа искуство уште повеќе ја потврди мојата одлука да студирам астрофизика и тоа во Италија. Додипломските студии по астрономија ги завршив на Универзитетот во Болоња, а магистерските на Универзитетот во Трст, каде што работев на вселенскиот телескоп „Планк“. За докторските, се преселив во Стокхолм. Не можев да ја одбијам понудата, затоа што тема на истражување беа суперновите, а тоа ми изгледаше премногу интересно. По докторатот се вратив да живеам во Трст и сега работам на Центарот за астрофизика и космологија во Нова Горица во Словенија. Освен тоа што се занимавам со истражување, предавам астрофизика и учествувам во проекти за популаризацијата на (астро)физиката кај младите.
Поволности за македонските студенти
Работите во Центарот за астрофизика и космологија во Нова Горица во Словенија. Какви можности нуди универзитетот каде што работите за македонските студенти?
– Универзитетот во Нова Горица во Словенија нуди практично ориентирани студии и тоа е видливо преку високите стапки на вработување по дипломирањето. На пример, ние сме едни од малкуте универзитети што нудат студии по астрофизика веќе на додипломско ниво. Овој универзитет има висок размер на професори-студенти, а е мошне мал по големина, така што на студентите им се посветува вистинско внимание. Сметам дека за македонските студенти е навистина поволно студирањето во Словенија, не само затоа што постои можноста за бесплатни студии, туку и заради други бенефиции како стипендии, меѓународни размени, студентска работа, прехранбени бонови, практика во компании, студентски домови, студентски попусти итн.