Јутуб-ѕвездата Џејк Пол се прослави на социјалните медиуми благодарение на неговата персона на негативец, шегаџија и провокатор, пренесува Си-ен-ен.
Дури и неговата армија обожаватели, кои бројат над 20 милиони на видео-платформата Јутуб, а се нарекуваат себеси „Џејк-полери“, секогаш се присутни кога ќе избие нов скандал.
За Пол, ниедна граница не постои, ниедна контроверзија не е преголема и доволна да го спречи. Честопати, медиумите пренесуваат дека неговата „неславна“ кариера е готова, но тоа никакоо да се случи.
Напротив, со секоја трик, шега или интернет-провокација, тој добива повеќе обожаватели на неговиот јутуб-канал. Некои од неговите скандали се толку големи, што канадскиот „Нешнл пост“ еднаш го опиша Пол како „моронска закана за општеството“.
Пол вчера повторно се најде во неволја кога агентите на Федералното истражно биро (ФБИ) извршија претрес од засега непознати причини во неговиот дом во Лос Анџелес. ФБИ одби да соопшти детали за акцијата.
Пол е виновен за бројни инциденти кои стигнаа до насловните страници на медиумите. Тој беше домаќин на голема забава во неговиот дом во Калабасас, додека светот го тресе ковид-пандемијата. По забавата, градоначалникот изјави дека градот и полицијата спроведуваат политика на нулта-толеранција за секој што е домаќин на големи собири.
Пол исто така беше снимен за време на демонстрациите против против полициската бруталност во чест на Џорџ Флојд, кои набрзо прераснаа во насилни протести проследени со грабежи во Аризона. Наводно, тој и неговите придружници биле дел од оние кои вршат вандализам, а спорен детаљ е тоа што Пол е забележан на видео-снимка додека пие од шише за вотка за кое се верува дека е украдено, во текот на немирите.
– Инфлуенсерот Џејк Пол беше снимен дека е незаконски присутен во трговскиот центар „Скотсдејл фешн мол“ за време на уништувањето кое се случи во текот на демонстрациите – соопштија полициските власти.
Пол негираше каква било вмешаност.
– Ниту јас ниту некој од нашата група не се вклучивме во какво грабеж или вандализам на трговскиот центар. Ние го документиравме, односно снимавме случајот, не се вклучивме во вандализмот – напиша Пол на неговиот твитер-профил.
Во средата, полициското одделение Скотдејл соопшти дека ги отфрла обвиненијата против него и неговите двајца пријатели.
Неговиот брат, Логан Пол, е исто така контроверзен, така што слободно можете да ги наречете „двојна неволја“, смета Си-ен-ен. Логан стигна до насловните страници во 2018 година кога ја посети јапонска шума озлогласена поради извршените самоубиства. За време на посетата со неговата група, тие пронајдоа мртво тело кое виси обесено во шумата, го снимија и објавија на Јутуб. Логан подоцна објави видео со извинување по интензивните критики за прикажување на морбидниот случај.
Во 2017 година, „Дизни“ ја прекина соработката со Џејк Пол откако тој запали мебел во неговиот базен. Одлуката била донела откако неговите соседи се пожалиле поради неговите акробации, во кои спаѓал и поставување на мебел во празен базен. Поради тоа, неговите соседи размислувале да поднесат тужба против него.
– Порано ова беше убава тивка улица, а сега сме како во воена зона. Ние немаме проблем тие да живеат овде, сѐ додека имаат почит кон соседите. Но, тие немаат никаква почит – изјави соседот Мејтал Дахан за Си-ен-ен.
Соседите го споредувале неговиот бурен живот во соседството како „циркус“, на што тој изјавил „луѓето сакаат да одат во циркус, така?“.