Агенцијата „Ројтерс“ објави сторија за југословенската архитектура од социјалистичката ера, олицетворена во стил познат како брутализам, кој, како што се вели, уште еднаш предизвикува интерес, особено кај странските туристи.
Во објавата се вели дека објектите изградени во овој стил потсетуваат на бетонски вселенски капсули со необичен изглед, кој предизвикува восхит кај новите генерации архитекти.
Текстот објаснува дека по Втората светска војна, социјалистичка Југославија, предводена од Јосип Броз Тито, почнала реконструкција на земјата уништена од војната. Исто така, се нагласува дека иако првично сојузник со Советскиот Сојуз, Тито се оттргнал од влијанието на Јосиф Сталин во 1948 година.
Масивни станбени блокови, хотели, граѓански центри и споменици од бетон, се изградиле низ целата земја, пишува агенцијата.
– Архитектурата требаше да ја покаже моќта на една држава меѓу двата света – западната демократија и комунистичкиот исток, обидувајќи се да си создаде сопствен пат за социјалистичка утопија – истакнува автрот.
Агенцијата нагласува дека интересот за овој стил расте, особено по изложбата во Музејот на модерната уметност во Њујорк од 2018 година со наслов „Бетонска утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“.