Црвените јајца се неизоставен дел на празнувањето на големиот христијански празник Велигден. Тие се украсуваат и вапсуваат во текот на великата Страсна недела, најчесто на Величетврток пред изгрејсонце.
Митови и легенди
Во сите делови на светот, јајцата од дамнешни времиња биле познати како симбол на животот, па тоа ја одредило нивната улога во религијата, култот и магијата.
Митот за создавањето на светот од јајце постоел кај Фениќаните, Вавилонците, Египќаните, Келтите и многу други народи. Во кинеските преданија, хаосот имал облик на јајце и кога тоа се отворило, од тешките елементи се создала Земјата, а од лесните и чистите – небото. Како симбол на живот, јајцето служело и како средство, со чија помош тој се создавал, чувал и одржувал, а таа негова улога се сретнува и во народната традиција. Христијанството ја презело симболиката на јајцето релативно доцна. Вапсувањето јајца се споменува дури во 12 век, па и подоцна. Меѓутоа, народните преданија, кои се многубројни и меѓусебно различни, сепак боењето на јајцата го врзуваат за Христовото воскреснување. Според едно предание, кога го воделе Христос кон распетието, насобраниот народ на него фрлал камења, кои се претворале во црвени јајца.
Историја
Античките Персијци ги боеле јајцата за нивниот празник со кој го одбележувале почетокот на новата година, а се празнувал за време на пролетната рамноденица. Тој празник постои најмалку 2.500 години, а кипови во Персеполис прикажуваат луѓе што му носат обоени јајца на кралот.
Боење
Техниката на боење е постара од онаа на шарање јајца. Тоа се смета за свето дејство, па така и се пристапува кон него. Со верски правила било одредено кој ден и во кој период, како и која личност ќе ги вапсува јајцата. Имено, тоа можеле да бидат само ритуално чисти личности, или постари жени или невини девојки.
Црвени јајца
Најчесто за Велигден се вапсуваат црвени јајца. Меѓу најстарите суровини за добивање црвена боја е билката рубиа, која се споменува во 16 век. Подоцна таа била заменета со варзило, увезено од Бразилија, и анилинска боја. Во недостиг од овие суровини се користеле билки, на пример нане или кора од слива или цреша. Важноста на црвената боја е поради симболиката на Христовата крв. И денес првото јајце што се вапсува треба да биде црвено и се чува до следниот Велигден, а се нарекува „чуваркуќа“. На ова јајце порано му се припишувала магиска моќ.
Шарање јајца
Тоа може да се изведе на повеќе начини. Една од техниките познати кај нас е онаа со восок, која се нарекува и батик-техника. Суштината е на одредени делови да се капне восок, а потоа внимателно да се извади и при вапсувањето тие нема да бидат обоени. За шарање се користат и ливчиња и цветови, кои со масло или со белка се лепат за лушпата, па се завиткуваат јајцата во најлонски чорапи и се бојосуваат. Во некои делови на нашата земја велигденските јајца се украсуваат со мониста, волница, панделки, додека ковачите ставаат рани метални знаци на лушпата, а најчест симбол е крстот.