Намирници со најмногу и со најмалку пестициди
Меѓу намирниците што содржат највисоко ниво на пестициди се наоѓаат јагодите, спанаќот, кељот, зелката, нектарините, јаболката и грозјето. Бебињата и децата особено треба да избегнуваат пестициди бидејќи можат да бидат штетни за нивниот развој. Работната група за заштита на животната средина на САД објави извештај дека речиси 70 отсто од чистото овошје и зеленчук, односно свежата храна, не содржеле пестициди, што ги прави побезбеден избор.
– Само осум отсто од примероците на „чисто“ овошје и зеленчук имаа два или повеќе пестициди – се вели во извештајот.
Авокадото и слатката пченка се најмалку загадени
На листата најмалку загаден зеленчук се наоѓаат слатката пченка, кромидот, замрзнатиот грашок, модриот патлиџан, аспарагусот, брокулата, зелката, карфиолот и печурките, пренесува „Си-ен-ен“.
На списокот на најчисто овошје се наоѓаат ананасот, кивито, дињата и авокадото.
Во извештајот се вели дека авокадото и слатката пченка биле најмалку контаминирани и содржеле помалку од два отсто остатоци од пестициди.
– Пестицидите се токсични и треба да направите сѐ што можете за да ја намалите изложеноста и да го заштитите здравјето на вашето семејство – вели Џејн Хулахан, директорка за наука и здравје во организацијата „Здрави бебиња за светла иднина“.
Работната група за животна средина го објавува овој извештај секоја година од 2004 година, користејќи податоци од истражување спроведено од Министерството за земјоделство на САД за рангирање на 46-те намирници што се најмногу и најмалку контаминирани со остатоци од пестициди.
Некои пестициди се канцерогени за луѓето
Во годинашниот извештај се наведени зелјето, како и кељот кои се наоѓаат на третото место на листата на храна што содржи големи количества пестициди. Тестовите откриле дека овој зеленчук често содржи пестицид ДЦПА, кој Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) го класифицира како можен канцероген за луѓето. Европската Унија го забрани овој пестицид во 2009 година. На десеттото место првпат се најде лутата пиперка, која не е тестирана од 2012 година, а на минатогодишните култури со пиперки се пронајдени 115 пестициди, што е повеќе од која било друга тестирана култура.
Пиперките, портокалите, јаболката, грозјето и црешите често се загадени со пестицидот хлорпирифос. Хлорпирифосот требаше да биде трајно забранет во САД во 2016 година кога експертите за животна средина утврдиле дека им штети на децата и на земјоделските работници.
– Хлорпирифосот треба да биде забранет во САД и во Европа. Тој е невротоксичен и му штети на развојот на мозокот кај детето – вели Хулахан.
Пестицидите остануваат дури и откако растението ќе се излупи
Исто така биле тестирани и агрумите. Студијата покажала дека два фунгицида, имазалил и тиабендазол, биле широко распространети во цитрусите, а Хулахан објасни дека овие фунгициди можат да го нарушат хормоналниот систем.
Фунгицидот имазалил е пронајден во речиси 90 отсто од испитаните примероци грејпфрут, портокал, мандарина и лимон. Она што е уште позагрижувачко е што фунгицидите навлегле во месото на овошјето дури и по лупењето.