Пандемијата ги смени „златните глобуси“
Со оглед на тоа дека пандемијата на коронавирусот и натаму трае, 78-то доделување на наградата „златен глобус“ се одржа главно виртуелно. По „оскарите“, овие награди се најважни во филмската и телевизиска индустрија во светски рамки.
На црвениот килим се појавија само минатогодишните добитници, кои оваа година беа презентери, додека водителките, кои по четврти пат го преземаат кормилото, го водеа настанот од своите градови – Тина Феј од Њујорк, а Ејми Пулер од Лос Анџелес. Интересно е дека токму тие подоцна беа прогласени за најлошо облечени ѕвезди.
Целиот настан се одвиваше преку платформата Зум, па, така, номинираните се вклучуваа од удобноста на своите домови во светот, некои во раскошни тоалети на високата мода, други во тренерки, па и во пижами. Една од највпечатливите тоалети беше онаа на ѕвездата на серијата „Квин гамбит“, Ања Тејлор Џој, која се појави во специјално изработена смарагдно зелена тоалета на „Кристијан Диор“. Таа буквално модно доминираше и е прогласена за најдобро облечена ѕвезда од повеќе модни медиуми. Интересно е дека ноктите ѝ беа со „шаховски маникир“. Џулија Гарнер носеше модел на „Прада“, Аманда Сејфрид се појави во раскошен фустан со пердуви на „Оскар де ла Рента“, а во фустан од истата куќа беше облечена и Кели Куоко. Рене Зелвегер беше една од презентерките што чекореа на црвениот тепих во Лос Анџелес, а беше облечена во црна тоалета со срцевидно деколте на „Армани“. Анџела Басет се појави во виолетова асиметрична тоалета на „Долче и Габана“, додека Тифани Хедиш изгледаше одлично во златната тоалета на „Алберта Ферети“.
Тука беа и Никол Кидман во црно-златна тоалета на „Луј Витон“, Мишел Фајфер во фустан на „Валентино“ и Реџина Кинг во тоалета на „Луј Витон“.
Помалку среќни решенија имаа актерките Кристин Виг во „Прада“ и Марго Роби во „Шанел“, кои се најдоа на листата на најлошо облечени.
Номинираните и победниците ги избираат членовите на Холивудското здружение на странски новинари (ХЕПА), а доделувањето годинава беше засенето со приговорите дека речиси и да нема номинирани и наградени црномурести актери и режисери. Што се однесува до наградите, за најдобар филм беше одбран „Номадленд“ на актерот Чедвик Бозман, постхумно му беше доделена наградата за најдобар актер во драма. Статуетката ја прими неговата сопруга, која одржа емотивен говор.
Саша Барон Коен ја доби наградата за најдобра комедија/мјузикл за „Борат 2“, Клои Зао доби „златен глобус“ за најдобра режија за филмот „Номадленд“, додека сценаристот Арон Соркин беше награден за најдобро сценарио за филмот „Судскиот процес за Чикаго 7“. Наградите за споредни улоги им припаднаа на Џоди Фостер и на Даниел Калуја. Што се однесува до телевизиските награди, „Круна“ беше прогласена за најдобра телевизиска драма, а Ема Корин за најдобра актерка, додека Џош О’Конор за најдобар актер во истата категорија.
Во категоријата најдобра телевизиска лимитирана серија наградата ја освои „Квин гамбит“, а Ања Тејлор Џој доби награда за најдобра глумица во ТВ-серија. Награди за животно дело добија Џејн Фонда и Норман Леер.