Ѓоко Танески e дел од екипата што го подготвува трибјут-концертот, посветен на култната група „Пинк Флојд“, што ќе се одржи на 26 јули во родниот град на Танески, Охрид, на сцената на Долни Сарај.
– Концертот е премиера на проектот „НАМБ-трибјут“, со неповторливата музика на еден од најголемите и највлијателни рок-бендови во музичката историја. Заедно со уште неколку мои драги колеги, ќе испееме 16 безвремени хитови на „Пинк Флојд“ и со овој настан, ќе го доближиме Охрид до светот. Во сите поголеми градови и туристички места, одлично поминуваат концерти посветени на легендарните музичари – вели Ѓоко Танески, кој токму со овој настап по подолго време се враќа на музичката сцена.
Во единаесетчлената екипа, која ќе настапува на концертот, освен Ѓоко Танески се и: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како придружни вокали.
Ќе се изведат некои од најпознатите песни на култните „Пинк Флојд“ како: „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвремени песни.
Билетите по цена од 250 денари можат да се набават преку продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ и во сите маркети на „Тамаро“ во Охрид и во Струга.