Студија во Берлин проверува што се случува кога луѓето добиваат по 1.200 евра секој месец
Искуството почна минатиот вторник: група избрани луѓе ќе добиваат безусловен основен приход од 1.200 евра за три години. Проектот се следи научно, а интересот за учество во него беше огромен.
На студијата се пријавија повеќе од два милиони луѓе, а на крајот беа избрани 122. Од 1 јуни годинава, па во наредните три години, тие ќе добиваат месечен основен приход, односно минимална плата од 1.200 евра. Ова е дел од пилот-проектот насочен кон истражување на ефектот на безусловниот основен приход (УТД). Учесниците не мора да докажат како ги трошат парите и им е дозволено да прават сѐ што сакаат во текот на проектот. Тие немаат никакви обврски кон финансиерите на проектот, освен што мора „да пополнат седум прашалници на Интернет во рок од три години, за време на траењето на студијата“, информира веб-страницата на проектот.
Дополнителни 1.380 лица исто така ги пополнуваат прашалниците на секои шест месеци, но не добиваат плата, само надомест за потрошеното време. Тие се избрани по случаен избор. Парите доаѓаат од околу 150.000 приватни донатори и не мора да ги оданочуваат. Станува збор за донирани пари од 43.200 евра по учесник, вкупно околу 5,2 милиони евра. Проектот го започна непрофитно здружение во Берлин.
Иницијаторите на „Мојот основен приход“, како што се нарекува здружението, се убедени дека безусловната исплата на пари на сите граѓани ќе реши многу проблеми од секојдневниот живот. Се верува дека ако се отстрани притисокот врз поединците да заработат доволно пари за да преживеат, луѓето ќе станат послободни, покреативни и посреќни.
Ќе тестираме што прават луѓето кога имаат материјална безбедност три години. Дали трошите пари или создавате финансиски резерви? Дали престанувате да работите или работите помалку? Дали станувате повеќе социјални и донирате повеќе? Сето ова може да се утврди во овој обемен експеримент – рече водачот на студијата Јирген Шуп од Германскиот институт за економски истражувања.
Дури и промените во нивото на стрес може да се испитаат со примероци на коса од некои испитаници, затоа што веројатно ќе имаат помал притисок благодарение на подарената (најниска) плата што ја примаат. Дебатата за безусловниот основен приход (БГЕ) е со години крајно идеолошка. Главното прашање е што прават луѓето кога не треба да работат. Многу противници на БГЕ сметаат дека ова е утопија на левичари што фантазираат и сакаат да се мрзливи на сметка на заедницата. Од друга страна, поборниците сметаат дека ова е решение за сегашните и идните проблеми: социјалните аспекти – од воспитување до грижа за соседството – можат да се подобрат. Со експериментот се отвара и прашањето дали парите ги прават луѓето храбри.
Истражувачот Шуп се надева дека ќе добие увид со експериментот на теми што им се особено драги на противниците на основната плата, а тоа се иновациите и претприемаштвото.
Можеби примателите на плата ќе бидат похрабри во одлуките, како што се започнување сопствен бизнис или промена на работното место. Забележливо е дека многу познати претприемачи, од Бил Гејтс, преку Марк Закерберг и Џеф Безос, до германските браќа Самвер, немале егзистенцијални стравови кога се осмелиле да основаат свои компании. „Ние сакаме да знаеме“ е мотото на овој пилот-проект – вели Шуп.
Мајкл Бомејер од „Моја основна плата“ признава дека очекувањата за резултатите од проектот го прават нервозен.
– Се разбира, во овој пилот-проект може да се покаже и дека основната плата нема ефект за кој се надеваме – вели тој.
Исто така, прашање е дали дебатата за основните приходи ќе биде помалку идеолошка за три години, кога ќе заврши проектот. Веќе има критичари што го доведуваат во прашање ваквиот пристап и тие имаат еден аргумент: тригодишното ограничување не дозволува да се извлечат заклучоци за тоа како се однесуваат луѓето ако постојано им се исплаќа основна плата. Покрај тоа, има прашања на кои проектот не може да одговори воопшто: како би се развивале цените ако секој добива основна плата, дали болните луѓе или оние на кои им требаат пари ќе завршат со помалку пари на располагање отколку сега, како И колку треба да бидат високи даноците за да се финансира сето ова.
– Нашата студија во никој случај нема да ги реши сите прашања поврзани со основните приходи – признава Јирген Шуп.
Но тој веќе со нетрпение очекува да одговори на неговото клучно прашање: Што им прават парите на луѓето?
Ова е возбудливо научно прашање за кое нема никаде во светот сигурни студии. Барем имало обиди да се дознае повеќе за ефектите на основниот приход. Резултатите од студијата во Финска, која се фокусираше на пазарот на трудот, не беа јасни. Во Канада, политичарите предвреме завршија една студија од финансиски причини. И во Германија, безусловниот основен приход нема политичка поддршка. Ниту една поголема партија досега не се залагала за такво нешто. По завршувањето на првата тригодишна фаза од овој проект, ќе започнат уште две студии во кои научно ќе се испитаат основите на финансирањето – пишува „Дојче веле“.