Мартинијан Кириловски со песната „Сто пати на ден“ чиј автор е Ристо Самарџиев ја освои првата награда на „Макфест 2019“. Ова е негово шесто учество на фестивалот, каде ја почна и својата музичка кариера, на Самарџиев, пак, ова му е седма победа во Штип.
 
– Пресреќен сум за победата на фестивалот каде ја започнав мојата музичка приказна. Всушност јас сум дете на „Макфест“, бидејќи ова е мое шесто учество. Почнав 2013, освоив трето место и оттука тргна сѐ. „Сто пати на ден“ е моја најубава песна до сега и сигурен сум дека ќе биде голем хит, има леплив рефрен и веднаш влегува во уво и се надевам дека уште долго ќе се памети. Песната е на Ристо Самарџиев, а аражманот е на Иле Спасов – нѝ рече победникот Мартинијан Кириловски, кој како член на српската „Гранд продукција“, гради и интернационална кариера.
 
Второто место го освои дуетот Александар Митевски и Драган Спасов Дац со песната „Уште ми фалиш“ чиј автор е Митевски. Тесктот со помош на Вики беше преведен и на знаковен јазик, а третонаградени се членките на групата „Фрајле“ од Србија, кои на македонски јазик ја испејаа песната „Не ѝ признавај“ на Тоше Поп Симонов, некогашен уметнички директор на „Макфест“, кој како автор се врати по голема пауза.
 

Освен тројцата првонагардени, чии авторски тимови освоија по 5.000, 3.000 и 1.000 евра, награди во износ од 500 евра добија и Славица Ангелова – за најдобар дебитант, Росана Сариќ Тодоровска, која никого не го остави рамнодушен, за најдобра интерпретација, Иле Спасев за најдобар аранжман за песната „Кој те учи така“, а Мартија Станјковиќ ја доби наградата за најдобар сценски настап при изведбата на динамичната „Возбуда и љубов“ на Александар Масевски.
 
Фото: Тоши Трајчев
Впечатливи беа настапите и на Коки Јанков, кој со својата „Тајфа“ мошне емотивно ја испеја песната „Бела ајта“ пред штипската публика, а на голема врата на фестивалот се вратија и Принц и Дексо, чиј фантастичен вокал би требало почесто да го слушаме. Публиката бурно ја нагарди и Здравка Мирчевска, која  извонредно ја отпеја баладата „Ако има утре“ на штипјанката Весна Малинова, Наташа Малинкова која повторно ја затресе сцената со својот вокал пеејќи песна на Баже Темелков и Дарко Тасев, а одлични настапи на годинашниот „Макфест“ имаа и: Огнен Здравковски, Мина Блажев, оригиналниот Виктор Апостоловски, темпераментната Кубанка Јасмин Лопез, момците од „Акустик дивижн“, Елена Петерска и Игор Узунов кои за жал не ги видовме во финалето.
 
Фото: Тоши Трајчев
Во паузата за гласање на финалната вечер свое шоу имаше Тамара Тодевска, која меѓу другите ја испеја и „Тажна љубов, среќна песна“, изведена токму на „Макфест“.
 
Вчеравечер во публиката беше и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој присуствуваше и на банкетот во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, каде традционално, првонагардените ја исекоа и победничката торта.
 
 
Органзиатор на фестивалот е локалната самоуправа на Штип, со поддршка од Министерството за кулура, а секако најголема заслуга за реализацијата на годинашното издание има целиот тим, на чело со техничкиот директор Кирил Панајатов и уметничкиот директор Владимир Дојчиновски Дојчин, кој годинава имаше уште една причина за славење – стана татко.
 
Фото: Тоши Трајчев
И годинава фестивалот го водеше и по малку танцуваше шармантната Марјана Станојковска, а Макеоднската телевизија трите фестивалски вечери директно ги емитуваше на својата програма. М.Т.

Рекоа за фестивалот

Фото: Тoши Трајчев – Јасмин Лопез

Трајче Георгиев: Ова беше моето фестивалско деби. Уште како мал имав желба да настапувам на „Макфест“ и среќен сум што сега ми се исполни желбата. Пеам песна на Тоше Поп Симонов, баладата се вика „Си одиш ти“, а потоа, се надевам, ќе продолжам со снимање нови песни.

Огнен Здравковски: Ова ми е четврти пат на „Макфест“, среќен сум што сум дел од овој фестивал, на кој се промовира македонска музика. Ја пеам песната „Светот нека застане“ на Григор Копров, текстот е на Огнен Неделковски, а овој пат со мене на сцената на виолина свири сестра ми Олгица.

Весна Малинова: Имам две композиции на овој „Макфест“, на кој по подолго време чувствувам убава, креативна енергија. Луѓето се дружат, се почитуваат, и тоа за сите е вистинско уживање. Баладата „Ако има утре“ ја пее Здравка Мирчевска, со која неколкупати досега сме соработувале и мислам дека е вистинскиот избор за оваа песна, а песната „Крај“ ја изведе петнаесетгодишната Елена Наумова, која е дебитантка. Инаку, јас пред 20 години првпат настапив на макфестовската сцена, а, еве, тука сум и сега.

Виктор Апостоловски: Од 2015 година не сум пеел во Штип. Наградите не ми се толку важни, колку добриот впечаток кај публиката. „Оди си“ е целосно моја, направена е за краток филм што не се случи, а снимив и видео за неа. Прво мислев да ја пее некој друг, но, сепак, на крајот повторно се врати кај мене.

Наташа Малинкова: Од 2001 година сум дел од „Макфест“, со мали паузи. Лани ја добив наградата за интерпретација за „Милион причини“, на тандемот Баже Темелков и Дарко Тасев, кои ја напишаа и баладата „Што ли да направам“, која се надевам исто така ќе биде слушана.

Јасмин Лопез: На „Макфест“ има вистинска фестивалска атмосфера. Ја пеам песната „Твоја латина“ на Григор Копров и воодушевена сум од топлиот прием на публиката.

Игор Узунов: Работите на „Макфест“ тргнаа на подобро кога им се даде шанса на младите да покажат што знаат. Јас не влегов во финалето, но задоволен сум од својата изведба и верувам дека „Ранет херој“ брзо ќе заздрави и ќе го најде патот до публиката. M.T.