По успешната кампања за ослободување на слонот Каван, познат како најосамениот слон на планетата, американската пејачка Шер се впушти во нов поход, овојпат да ја спаси горилата кога речиси три децении живее сама на врв на трговски центар во Бангкок, пренесува „Гардијан“. 

Горилата Буа Нои првпат била донесена во Тајланд во 1988 година, и оттогаш живее во „Пата Зоо“. Нејзиниот партнер угинал пред десет години, а приватната зоолошка  долго време е критикувана од страна на активистите за заштита на животни. 

Шер му напишала писмо на министерот за животна средина на Тајланд, Варавут Силпа-арха, за да ја изрази својата голема загриженост за условите во кои живеат Буа Нои и другите примати во зоолошката.
 
Добротворната организација „Ослободете ги дивите животни“, која е кооснована од Шер, понуди да го финансира трансферот на горилата во прифатилиште во Конго, каде што ќе продолжи да живее во мир и достоинство.
 
Во писмото се споменува дека и на другите примати кои живеат во приватната зоолошка, исто така им е понуден дом во фондацијата „Пријатели на дивиот свет“ во  Тајланд.
 
Сопственикот на зоолошката не бил достапен за коментар, но претходно ги отфрли тврдењата дека животните се лошо третирани.
 
Минатата недела Шер отпатува во Камбоџа по успешната кампања за преместување на слонот Каван, кој своевремено бил даден на подарок од Шри Ланка за Пакистан. Слонот од 1985 година живеел во зоолошката градина во Исламабад заедно со својата партнерка Сахели, но таа угинала во 2012 година. Било откриено дека тој е сериозно дехидриран, додека неговите чувари минатата година беа обвинети за кражба на неговата храна. Каван сега се наоѓа во засолништето за диви животни каде што околу живеат 600 азиски слонови.