По големиот број разочарувачки резултати за Велика Британија на „Евровизија“ во текот на изминатата деценија, добро е да се види дека Би-би-си го заврте листот и големата британска музичка ѕвезда Џејмс Њуман ја одреди за свој годинашен претставник на „Евросонг“, вели Расел Дејвис
Популарниот пејач Џејмс Њуман ќе ја претставува Велика Британија на претстојната „Евровизија“, што, доколку условите го дозволуваат тоа, во мај ќе се одржи во Ротердам, Холандија.
Би-би-си одлучи оваа година да го смени досегашниот начин на избор на свој претставник. Претходните години, британските песни ги избираа гледачите на телевизиско натпреварување, а оваа година, во соработка со дискографската куќа БМГ, британскиот јавен сервис интерно го одбра претставникот.
Според Британецот Расел Дејвис, уредник на интернет-порталот „Есцказ“, одличен познавач на евровизиските околности и член на неколку македонски евровизиски делегации на Македонската радио-телевизија (МРТ), ова е одличен потег на носителот на лиценцата за учество на „Евровизија“ – Би-би-си.
– По големиот број разочарувачки резултати за Велика Британија на „Евровизија“ во текот на изминатата деценија, добро е да се види дека Би-би-си го заврте листот и големата британска музичка ѕвезда Џејмс Њуман ја одреди за свој годинашен претставник на „Евросонг“. Намерата со оваа одлука не е по секоја цена В. Британија да победи на овој престижен избор, туку најпосле да се постигне добар резултат во горниот дел на табелата – вели Расел Дејвис.
Тој присуствувал на прес-конференцијата на која Би-би-си ја запознала јавноста со одлуката Њуман да се обиде да го скрши повеќегодишниот малер на Британците на овој избор.
– За време на прес-конференцијата разговарав со неколку вработени во Би-би-си на високи позиции, кои изјавија дека биле импресионирани од целосниот настап на македонската претставничка Тамара Тодевска на минатогодишниот натпревар во Тел Авив, Израел. Само како потсетување, од повеќето 12-ки што ги доби таа во текот на гласањето, една беше од Велика Британија. На крајот таа заврши седма, но беше прва според гласовите на жири-комисиите на земјите-учеснички. За убавиот впечаток што го оставила Тамара во В. Британија пишуваше и познатиот весник „Гардијан“, кој ја наведува Македонија како успешна земја на минатогодишната „Евровизија“. Во поднасловот на написот се алудира на квалитетот на песната и се вели: „Со својата незабележителна мешавина од Луис Капалди, Мумфорд и Синси и ’Колдплеј‘, Њуман најверојатно нема да ја намачи Македонија на водечкото место на табелата“, пишува „Гардијан“ – рече Расел Дејвис.
Инаку, Њуман ќе ја пее песната „My Last Breath“, за која веќе е снимен и спот.
– Чест ми е што ќе ја претставувам Велика Британија годинава на „Евровизија“. Сè уште не можам да верувам во тоа! Песната ја напишав со некои од моите најдобри пријатели, знаев дека тоа е откако ја снимив. Желба ми беше да испратам едноставна, универзална порака до сите што ќе ја слушнат – изјави Њуман на прес-конференцијата на Би-би-си.
Зад песната „My Last Breath“, со која Њумен ќе ја претстави Британија, стојат Ед Друет, Адам Аргаљ и Ијан Џејмс.
Велика Британија на „Евросонг“ учествува од 1957 година и има забележано пет победи. Последен пат прва била во 1997 година.