Една од најзначајните и највлијателни рок групи во некогашна Југославија, „Електрични оргазам“, која годинава одбележуваат 40 години успешна музичка кариера, верувале или не својот прв славенички коцерт во регионот го одржаа вчеравечер на стадионот на АРМ во Скопје. Иако турнејата требала да почне во март и веќе биле договорени 15 концерти, пандемијата на коронавирусот ги расипа плановите.
Скопјани се привилегирани што првиот концерт по подолго време Срѓан Гојковиѓ-Гиле и останатите членови на бендот го одржуваат токму во нашиот град, па иако на стадионот што собира 10.000 луѓе беа пуштени во продожба само 1.200 влезници, поради мерките за безбедност, како што обично се случува, дојдоа баш оние што требаше да присуствуваат на овој празник на рок музиката.
Иако концертот, во организација на „Авалон“ продукција, почна со еден час задоцнување, тоа не го намали задоволство на претежно средовечната публика, која и во младоста доаѓала на нивните концерти во Скопје да ужива во двочасовниот музички времеплов, слушајќи ги хитовите на бендот во своите означени бели коцки на тревата.
Меѓу другите хитови ја слушнавме „Конобар“, првата песна на „Електрични оргазам“, создадена на 13 јануари 1980 година во кафената „Морнар“, непосредно по коцнертот на „Леб и сол“ во Домот на сидникатите во Белград. Интересно е дека на овој славенички коцнерт на „Оргазам“ во публиката беше и Влатко Стефановски и други познати македонски музичари и јавни личности.
– Јас, Љуба и Јовец го чекавме долго келнерот кој не сакаше да нѐ послужи, па Јовец ја напиша првата песна на „Електрични оргазам“, „Конобар нас мрзи“ – се потсети Гиле на почетоците на бендот.
Имаше и песни од „Пакет аражман“, еден од најзначајните албуми на некогашната југословенска сцена, од „Дисторзија“, „Летим, сањам, дишем“, „Како бубањ каже“, „Секс, дрога, насиље и страх“ и последниот објавен пред две години „Где смо сад“. Некои нумери, како што рече Гиле, не ги свиреле цели 30 години. И се измешаа звуци на новиот бран, панк, психоделија, чист гаражен рок, поп, ритам и блуз…
Вистинската атмосфера каква што треба да има едно вакво музичко патување се случи по изведбата на песните „Доколица“ и „Био сам лош“, кога беа прескокнати сите бариери и се испреплете енергијата на музичарите и на публиката, која не престана да танцува и да ги потпевнува песните на бендот, особено хитовите „Не постојим“, „Ја сам тежак као коњ“, „Бејбе ти ниси ту“, „Игра рокенрол цела Југославија“, созадени во мигови на еуфорија кога групата стекна огромна популарност, со соодветна иконографија на лед екранот.
Песната „Како бубањ каже“ Гиле му ја посвети на тапанарот Чавке, кој веќе не е со нас, а „Дебела девојка“ пак го поттикна да раскаже приказна за актерката Соња Савиќ, која го инспирирала да го напише овој хит.
Одличниот звук и светлосни ефекти, а пред сѐ желбата на членовите на „Електрични оргазам“ да бидат на висина на задачата, и покрај некои мали технички проблеми со гитарата на басистот Бане, им приредија на скопјани една незаборавна носталигична вечер, враќајќи ги во времето кога на сцена беа квалитетната музика, вистинската креативна слобода и желбата на музичарите постојано да се искачуваат едно скалило повисоко за да дојдат до совршениот звук.
По официјалниот крај, на бис „Електрични оргазам“ по желба на публиката ја изведоа култната песна „Златни папагај“.