Вдахновена од непоматена, бескрајна, безрезервна љубов кон планините и природата, оваа книга е напишана со многу радост, страст и осет за убавото, беше кажано на промоцијата на книгата „Дневникот на една планинарка“ во МКЦ
Во присуство на голем број блиски пријатели, планинари и, секако, семејството на Калина Велевска, завчеравечер, во МКЦ, во бескрајно емотивна атмосфера беше промовирана нејзината книга „Дневникот на една планинарка“, објавена постхумно во издание на „Репропринт“, издавачката куќа што го издава и дневниот весник „Нова Македонија“, каде што Велевска еден период соработуваше како новинарка-почетничка.
Калина Велевска (1990), дипломирана правничка, вработена во Основното јавно обвинителство, трагично го загуби својот живот на 10 февруари 2018 година на Кајмакчалан, заедно со својот пријател Александар Миновски. Книгата претставува збирка на одбрани текстови што беа објавувани на порталот „Мис“, во форма на дневник, преку кој Калина ги пренесуваше своите впечатоци, искуства и авантури од планинарските тури.
Настанот го отвори нејзиниот татко, Марјан Велевски, кој со својот емотивен говор допре до секој од присутните.
– Она што го имаме пред нас за читање е само дел од патешествијата на Калина, собрани на едно место, како завет, како аманет даден во недобројните часови разговори за сѐ и сешто, обично околу полноќ, кога ќе најдевме малку време за себе. Како татко и ќерка, но и како другари што се разбираат без многу зборови – се потсети Марјан со солзи во очите.
Тој додаде дека Калина ги сакала и планините и луѓето.
– Поради тоа одлучивме да сториме нешто што ќе го зачува споменот на неа и нејзината страст кон планината, како и на нејзината љубов кон луѓето со кои ја споделуваше таа страст, кон планинарите. Средствата собрани од продажбата на оваа книга ќе ги насочиме онаму каде што тие ќе помогнат за зголемување на безбедноста на планина, за планинарите и љубителите на природата и на тој начин ќе остане зачувано сеќавањето на планинарката Калина – додаде тој.
Извадоци од нејзиниот дневник читаше нејзиниот братучед, актерот Виктор Велевски, кој ѝ овозможи на публиката да се потсети на случките за кои пишуваше Калина, наедно повторно да го почувствува присуството на нејзиниот авантуристички дух, нејзиното воодушевување од убавината на природата и добрината на нејзината душа.
Свои спомени од другарувањето со Калина споделија и поетите Билјана Стојановска, Ѓоко Здравески и Владимир Мартиновски.
– Кога првпат ја запознав како колешка на работа ѝ реков: Леле, колку ме потсетуваш на мене! Потоа сфатив дека сум си поласкала. Во разговор со повеќе пријатели, бев сфатила дека повеќемина го мислат истото, дека Калина личи на нив. Тоа говори за моќната емпатиска врска што Калина умееше да ја развие со другите луѓе. Имаше толкава способност да проникне и да сочувствува со другите, што правеше секој да се чувствува како да му е сродна душа. Луѓе како неа ретко се среќаваат – рече поетесата и новинарка Билјана Стојановска.
На Калина се потсети и поетот Ѓоко Здравевски.
– Калина беше вечно дете, или барем јас така ја доживував. Немирно, будалесто дете. Таа детска заиграност ја има и во приказните од Дневникот. Ги раскажува со леснотија затоа што ѝ е убаво да го сподели воодушевувањето од планините. Многу од приказните завршуваат со благодарност, можеби најблагородната состојба на човековата свест. Поради тоа, читањето на Дневникот облагородува. Планините ја лекуваат неа, таа преку приказните ги лекува тие што ги читаат приказните. Иљачот станува иљач. Зошто планината? Затоа што во светот на Калина, планината е контрапунктот на градот. Планината е спасот од задушливиот какофоничен град и затоа враќањето во градот е секогаш тажно и непосакувано. Планината е слобода, градот е ропство. Планината е дивина или божествена, а градот е затруен и под вечната маска на човечкото лицемерство. Планината и човекот, тоа му доаѓа исто. Земја што копнее да стане небо – рече Здравевски.
Својот збор, последен го даде поетот Владимир Мартиновски.
– Вдахновена од непоматена, бескрајна, безрезервна љубов кон планините и природата, оваа книга е напишана со многу радост, страст и осет за убавото. Со секоја реченица таа ни покажува што значи да се љубат планините, што значи да се живее за и со природата. Иако вели дека станува збор за убава зависност, Калина ја доловува суштината на планинарењето – заврши Мартиновски.
Публиката потоа имаше можност да си ја набави книгата во која Калина ги пренесуваше своите впечатоци од планинарските тури во Македонија и во соседните земји.