Во 1347 година, монголската армија од Златната орда, предводена од Јани-бег, го напаѓа градот Кафа (денес Феодосија), трговски центар на Републиката Џенова на Црно Море. Во текот на долготрајната опсада, војниците катапултираат трупови над градските ѕидини. Дванаесет брода успеваат да ја пробијат блокадата и се упатуваат кон Италија. Во октомври истата година бродовите пристигнуваат на островот Сицилија.

За луѓето што ги пречекале, глетката била стравотна. Речиси сите патници биле мртви, или одвај живи. Во паника, сицилијанските власти наредиле бродовите да го напуштат пристаништето. Но веќе било доцна и набргу низ целиот остров почнала да се шири мистериозната болест, која ќе стане позната како црната смрт. Галиите од Кафа потоа пристигнуваат во Џенова и во Венеција, каде што болеста исто така се појавува, а неколку недели подоцна се погодени градот Пиза и северна Италија. Кон крајот на јануари 1348 година, една од галиите, која е протерана од Италија, пристигнува во францускиот град Марсеј и црната смрт започнува засилено да се шири низ Европа. Најпрво биле погодени Франција, Шпанија, Португалија и Англија, а подоцна Германија, Шкотска и Скандинавија. Во 1351 година болеста пристигнува и во северозападна Русија.

Во текот на овие ужасни години, црната смрт го потисна човештвото на работ на апокалипсата и живите единствено можеле да се надеваат на смртта. Од Италија до Ирска, Европа изгубила речиси половина од населението, во она што се смета за најголема катастрофа во историјата.


Црната смрт, позната и како големата бубонска чума, е најголемата катастрофа во историјата на човештвото, која резултирала со смрт на околу 200 милиони луѓе во светот. Болеста најверојатно потекнува од Централна или Источна Кина, а оттаму, преку Патот на свилата, во 1343 година пристигнала на полуостровот Крим. Се претпоставува дека болеста убила околу 50 отсто од населението на Европа, а на глобално ниво, според некои податоци, бројките достигнуваат и до околу 400 милиони луѓе. На Европа ѝ биле потребни 200 години за да го обнови населението на претходното ниво, а некои области закрепнуваат дури во 19 век.


Во текот на епидемијата на црната смрт, градовите во Европа ангажирале специјални доктори, кои се бореле со болеста и еднакво се грижеле за богатите и сиромашните. Докторите носеле специјална облека, дизајнирана од Шарл Д’Лорм, главниот доктор на францускиот крал Луј Тринаесетти. Тие исто така носеле и заштитна маска, која се состоела од стаклени отвори за очите и нос во форма на клун, најчесто исполнет со билки, слама и зачини. Меѓу познатите доктори што се бореле со црната смрт е и познатиот француски јасновидец Нострадамус, чии совети се состоеле од отстранување на заразените тела, свеж воздух и пиење чиста вода.


Црната смрт имаше длабоко влијание врз уметноста. По 1350 година, европската култура во суштина стана морничава, со силно изразен песимизам, а повеќето слики го претставуваат триумфот на смртта над луѓето.
Во доцниот среден век се појавува уметничкиот стил на алегорија, познат како танц на смртта. Иконографската тема се состои од прикажување на сеприсутната смрт и минливоста на животот. Најстарите ликовни претстави на танцот на смртта настануваат во Франција, а оттаму се пренесуваат во Шпанија, Португалија, Германија, Холандија и други европски земји.