Дворот на кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, и годинава е отворен за децата, но овој пат уште поукрасен со неколку илјади светилки и илјадници новогодишни лампиони, мали дедомрзовци, разни животни и безброј други интересни слатки новогодишни украси што децата-посетители ги оставаат без здив.
Овој Дедо Мраз годишно го посетуваат околу 500 дечиња, а сите добиваат достојно внимание и, се разбира, новогодишно пакетче. За возврат, Дедо Мраз добива искрени детски насмевки и неизмерливо задоволство од дарувањето отсликано на среќните детски лица што го посетиле неговиот дом.
На светот има многу дедомразовски приказни, но приказната на Дедо Мраз од Кавадарци успешно опстојува веќе 21 година. Ѓорѓи Вареловски првите петнаесет години со лични средства обезбедува новогодишни пакетчиња за своите посетители, а последниве шест години бара помош од повеќе спонзори, бидејќи бројот на децата што го посетуваат секоја година се зголемува, и тоа не само од Кавадарци туку и од цела Македонија, а минатата година го посетија и деца од Црна Гора. Така, хуманата приказна на Ѓорѓи поттикна уште многу други хумани приказни, па секоја година од средствата што ги донираат родителите на децата-посетители Ѓорѓи обезбедува пакети со храна, кои за божиќните празници им ги подарува на социјално загрозени семејства.
Негови први гости, секако, беа најмладите жители на Кавадарци, а деновиве го посетија и деца од Делчево.