Триесет години по добивањето на „оскарот“ за улогата на Ханибал Лектор, во трилерот „Кога јагнињата ќе стивнат“, сер Ентони Хопкинс ја доби втората златна статуетка за најдобра главна машка улога во филмот „Таткото“.
Хопкинс со тоа стана најстариот оскаровец, кој престижното признание го доби на 83-годишна возраст. Тој ја доби наградата за најдобар актер за маестралната улога на човек што страда од деменција во филмот „Таткото“.
Неговата победа беше најголемото изненадување на церемонијата. Се очекуваше Чадвик Бозман, кој почина на 43-годишна возраст минатиот август, да го освои „оскарот“ за најдобра машка улога во филмот „Црното дно на Ма Рајни“.
Можеби беше изненадување за самиот Хопкинс, кој не беше ниту во Лос Анџелес ниту во Британскиот филмски институт во Лондон, каде што церемонијата беше следена во Велика Британија. Се верува дека актерот бил во родниот Велс и немало можност да се појави преку апликацијата Зум.
Филмот „Таткото“ ја доби и наградата за најдобро адаптирано сценарио. На доделувањето на „оскарите“, сер Кристофер Хамптон и Флоријан Зелер го нарекоа Хопкинс најголемиот жив актер во светот.