Премногу долго се затворени вратите на Универзалната сала, уште од 2015 година, навистина треба што поскоро таа повторно да им се врати и на изведувачите и на публиката, рекоа некои од присутните
„Педесет години Скопски“ беше насловен музичкиот времеплов што разбуди многу спомени и емоции кај скопјани во саботата. Како дел од манифестацијата „Бела ноќ“ пред Универзалната сала, каде што своевремено и беа исполнети, повторно зазвучеа најголемите хитови на „Скопскиот фестивал“, во интерпретација на познати македонски пејачи, придуржувани од Биг-бендот на МРТ со кој диригираше Љупчо Мирковски и од придружните вокали Ана и Сара.
Песните се нижеа една по друга, а на носталгичните 1970-ти и 1980-ти години кога токму Универзалната сала беше местото каде што се случуваа сите најважни музички настани, концерти и, се разбира, скопските фeстивали, нѐ потсетија водителите Елена Митева и Марко Марк. А присутните, од повеќе генерации, посакаа што побрзо градските татковци да овозможат отворање на вратите на оваа мека на македонската популарна музика.
– Премногу долго се затворени вратите на Универзалната сала, уште од 2015 година, навистина треба што поскоро таа повторно да им се врати и на изведувачите и на публиката – рекоа некои од присутните.
Хитовите што и по толку години звучеа свежо, музички издржано и моќно ги отпеаја: Сашо Гигов-Гиш, кој освен антологиската „Самовилска свадба“ ја отпеа и „Сѐ што сакав“ од Симеон Гугуловски, Ѓоко Танески нѐ потсети на евровизиската „Јас ја имам силата“, но и на „Само ти“, големиот евергрин на Зоран Милосављевиќ, а Лидија Кочовска мошне емотивно ја донесе „Што те нема“. Поновите хитови од скопскиот возобновен фестивал, „Убава моја“ и „Врне, врне“ ги отпеаја „Ај кју“ и Сара Мејс.
Сепак, ветераните Драган Мијалковски, Верица Ристевска и Славе Димитров ја обоија со носталгични бои белата ноќ со своите настапи, кои предизвикаа бура од емоции, а публиката постојано извикуваше „браво“. Верица уште еднаш нѐ потсети на баладата „Галебе мој тажен“, а Мијалковски, една од најголемите ѕвезди на првите скопски фестивали ги отпеа: „Оди си“ и „Гитаро моја“.
Сепак, моментот што ја обележи оваа вечер е изведбата на еден од најголемите македонски евергрини, песната „Чија си“, што ја изведе нејзиниот автор Славе Димитров, заедно со сите учесници.