Германскиот град Хајделберг е познат како универзитетски и научен град со богата историја, со најстариот универзитет во земјата, четири институти „Макс Планк“, Европската лабораторија за молекуларна биологија, како и познатиот замок стар 800 години. Но Хајделберг наскоро може да стане уште попознат како град со нула стапки на емисии на стакленички гасови што предизвикуваат глобално затоплување и град каде што автомобилите се исклучени од сообраќајот, доколку планот на градоначалникот Екарт Вирцнер успее.
Вирцнер не е против електричните автомобили. Градот им овозможува на граѓаните што купуваат електричен автомобил субвенција од 1.000 евра, плус уште 1.000 доколку инсталираат станица за полнење. Проектот на Вирцнер му обезбеди на Хајделберг репутација на пионер во еколошко свесно урбанистичко планирање. За да го намали присуството на автомобили на градските патишта, Вирцнер купува флота со автобуси на водород, гради мрежа на „суперпатишта“ за велосипеди што ќе го поврзат градот со предградијата и дизајнира населби за да го намали користењето на возилата и да го охрабри пешачењето. Оние што ќе се откажат од автомобил имаат право на една година бесплатен јавен превоз. – Ако ви треба автомобил, користете апликации за споделување автомобили. Ако живеете премногу далеку и нема масовен превоз, тогаш користете го автомобилот, но само до трамвајската станица, а не до центарот – вели градоначалникот.
Хајделберг на овој начин се постави во првите редови на движењето на еколошки свесни градови. Европските градови и земји најавуваат забрана за класични автомобили. Во исто време, производителите на автомобили сè повеќе се обидуваат да се приспособат на построгите регулативи за употреба на бензински (и дизел) автомобили во градовите. Некои европски градови, како што се Стокхолм и Штутгарт, веќе забранија постари дизел-возила. Десетици други, вклучувајќи ги метрополите Рим, Лондон и Париз, планираат да го ограничат градскиот сообраќај на возила што не испуштаат стакленички гасови. И националните влади вршат дополнителен притисок врз производителите и сопствениците на автомобили. Ирска, Холандија, Шведска и Словенија планираат да забранат продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2030 година. Велика Британија и Данска велат дека ќе го сторат тоа до 2035 година, со тоа што само хибридните автомобили ќе бидат дозволени во фазата на транзиција од 2030 до 2035 година. И Франција најавува ваква забрана во 2040 година.
Хајделберг, со околу 160.000 жители, е еден од само шесте европски градови што организацијата „C40“ ги вбројува во иноватори. Тоа е организација што промовира урбанистички политики што нема да придонесат за климатските промени, предводена од поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг. Покрај Хајделберг, на списокот на градови иноватори се и Осло, Копенхаген, Венеција, Амстердам и Ротердам.