Обидот на „Гугл“ да ги престигне „Епл“ и „Самсунг“ на пазарот на новитети во технологијата, купувајќи ја американската компанија „Фитбит“, беше спречен од европските регулатори за заштита на пазарот на конкуренцијата, кои започнаа истрага за тој договор.
Преносливата технологија (вербл технолоџи) е збир на електронски уреди што се носат близу и/или на површината на кожата, каде што ги детектираат и ги анализираат телесните процеси и индикатори како што се крвниот притисок, пулсот, поминатото растојание итн., а се користи во навигациски системи и здравствена заштита.
Овој потег на Европската комисија дојде и покрај ветувањето на „Гугл“ дека нема да ги користи податоците од таквите уреди за следење активности за рекламни цели. Европскиот регулатор за заштита на пазарот на конкуренцијата објави дека договорот дополнително ќе ја зајакне доминацијата на „Гугл“ во огласувањето преку интернет и дека ветувањето на „Гугл“ е недоволно за да ги ублажи неговите резерви во врска со договорот.
– Податоците собрани по пат на преносливите рачни уреди се чини дека се во важна предност на пазарот за рекламирање преку интернет – соопшти комисијата.
Тие додаваат дека договорот на „Гугл“ ќе му овозможи предност во персонализирање на рекламите преку својот пребарувач и прикажување на интернет-страниците, со што ќе се отежни натпреварот помеѓу конкурентите и на крајот ќе резултира со повисоки цени за огласувачите и издавачите.
Комисијата треба да одлучи до 9 декември годинава дали ќе го одобри или ќе го блокира договорот.