Филмскиот фестивал во Торонто (од 10 до 19 септември) ќе се одржи на отворено, со дигитални проекции, драјв-ин и само две кино-сали, како и без црвен тепих, според превентивните протоколи, пренесува „Холивуд репортер“.
Платформата на фестивалот „Бел диџитал синема“ за јавно прикажување на филмовите ќе биде блокирана за Канада, соопштиле организаторите. Селекторите Камерон Бејли и Џоана Висенте објавија дека ќе бидат прикажани 50 филмови на пет локации во градот.
Годинашното издание на фестивалот ќе има исти цени на билетите како и минатата година, и покрај тоа што холивудските ѕвезди нема да прошетаат на црвениот тепих ниту пак ќе се појават на сцените во кино-салите. Влезниците за проекциите во затворен простор и за „Бел диџитал синема“ ќе чинат од 19 до 26 долари, а за драјв-ин проекциите од 49 до 69 долари, во зависност од бројот на луѓе во автомобилите. Проекциите за кино под отворено небо за две лица ќе чинат 38 долари.
Бидејќи филмскиот фестивал во Торонто им дозволува на граѓаните на Канада да го следат во нивните домови, организаторите објасниле дека ќе користат мерки против пиратеријата за да ги заштитат авторските права на филмоите.
Светски премиери на овој фестивал ќе имаат филмовите „Бетонски каубој“ со Идрис Елба и на Спајк Ли за Дејвид Брн, „Американска утопија“.
Филмскиот фестивал во Торонто ќе биде домаќин и на две режисерски дебија на холивудски актерки, „Со модрици“ на Хали Бери, која глуми жена што тренира мешовити боречки вештини и „Една ноќ во Мајами“ на Реџина Кинг. Меѓу останатите филмови за фестивалот во Торонто е и драмата со Марк Волберг „Добриот Џо Бил“, во режија на Реиналдо Маркус Грин, базирана врз вистинска приказна, за татко чиј син се самоубил откако бил малтретиран од врсници.