Има филмови за кои долго се размислува и се мечтае и такви што веднаш
се забораваат. Овој пат ќе ви предложиме десетина филма за силни, посебни жени – едните ја сменија историјата, другите нѐ сменија нас и нашето гледање на светот и оставија длабока трага во нашите животи. Погледнете ги, можеби ќе го сменат и вашиот живот.
„Живот во розово“
Овој филм е длабока и чувствителна биографска приказна за француската дива Едит Пјаф, чиј живот личел на борба за право на живеење, право да се пее и да се сака. Оваа приказна стана ремек-дело, бидејќи на маестрален начин ја пренесе атмосферата на Париз, луд, див и истовремено магичен, кој им изгледа сладок и романтичен само на оние што не го познаваат добро. Во такви околности се роди еден вистински талент, а малото врапче Едит запеа како славеј…
„Фрида“
Извонреден филм за прекрасна бунтовна жена, за нејзината незадржлива желба, за нејзината енергија, која е како буен извор. Фрида имала 20 години кога се омажила за најпознатиот уметник на Мексико, Диего Ривера, кој бил доста постар од неа, богат и развратен. Овој филм говори за Фрида не само како генијална уметница туку и како жена, на која на прво место во животот ѝ се љубовта и семејството. И музиката во филмот заслужува посебно внимание.
„Златен век“
Уште една убава приказна за тоа дека не е лесно да се биде кралица. Но овој филм не е толку за историјата и за британската монархија, колку за кралицата како човек. Елизабета Прва (Кејт Бланшет) е жена што не си припаѓала себеси ниеден момент во својот живот, таа е лишена дури од едноставни животни радости. Неизвесност, страв, предавство, величественост – сето ова е опфатено со филмската епопеја „Златен век“, со единствено сценарио, раскошни костими и восхитувачка игра на глумците.
„Јованка Орлеанка“
Одлична историска приказна, која ја заобиколила замката на патетиката. Авторите се потрудиле филмот да биде реален, да испраќа порака за вербата во правдата и за храброста, која одлично е прикажана во ликот на светата Жана, односно Јованка, која извонредно ја одигра Мила Јовович.
„Кралица“
Филмот „Кралица“ на режисерот Стивен Фрирс, еден од подобрите филмови за тешкиот период на англиското кралско семејство по загинувањето на принцезата Дијана. Како е да се биде кралица на која ѝ се упатени многу непријатни зборови, дали да им се препушти на емоциите или да се однесува студено, како што му прилега на еден монарх? Не е попусто во прологот на филмот еден стих од Шекспир. Но ако Шекспировите јунаци се бореле против непријателите со мечови и стрели, во денешно време битката се води со помош на камери и микрофони. И тоа, исто така, бара соодветна сила и умешност.
„Челичната леди “
Филмот не мина без патетика, но Мерил Стрип, како и секогаш, ја спаси ситуацијата. Истовремено го зачува ликот на Маргарет Тачер, пред која само треба да се поклониме.Таа беше политичарка што претпочита дејствување, жена што ја избира кариерата пред се. Лидерка на земја што може да си замине навреме и со достоинство. Филм што задолжително треба да се види.
„Коко Шанел“
Ова е филм за една силна жена, која не се плашела да им се спротивстави на општествените норми со тесни корсети, карневалски фустани и шешири. За некои филмот е здодевен и монотон, може да му се забележи и што не е брз, но и во тоа е неговата убавина. Овој филм личи на животот. Во него некогаш сѐ е бавно, а некогаш сѐ тече со брзина на светлината. А белег на целта приказна ѝ дава Одри Тату, која ја игра Коко Шанел.
„Евита“
Извонреден мјузикл, кој говори за миленичката на цела Аргентина, за Евита Дуарте де Перон, за нејзиниот животен пат, кој како да ја избрал неа. За овој лик треба да ѝ се заблагодариме на Мадона, која одлично ги пренесе на големото платно светлите и темните страни на својата хероина, а исто така и нејзините стравови и амбиции. И, се разбира, музиката ја заслужува секоја пофалба. Композиторот Ендрју Лојд создал вистинско ремек-дело.
„Седум дена и ноќи со Мерилин Монро“
Да се одигра Мерилин Монро е предизвик, а тоа одлично го направи глумицата Мишел Вилијамс. И успеа да го оживее ликот на кокетното младо девојче, сигурно во себе, но кое истовремено се плаши од целиот свет. Филмот треба да се погледне не само поради Мерилин туку и поради прекрасната атмосфера. И ќе поверувате дека може да се стигне до ѕвездите…