Со настапите на „Урбана герила“, диџеј Факир и „Ди фејс“, на 29 јуни пред точно 20 години во паркот на Универзитетот во Нови Сад, почна да се одржува летниот фестивал „Егзит ноиз“. Фестивалот тогаш траел скоро 100 дена и секојдневно се одржувале бесплатни концерти, забави, претстави, филмски проекции, изложби, трибини, перформанси… Почнат е од страна на група студенти со намера да креираат свое движење за мир и слобода во Србија и на Балканот, проектот замислен како алтернативен културен модел наспроти оној што беше пласиран за време на 1990-тите години од државните медиуми, за да ги мотивираат младите да излезат на изборите на кои конечно беше симнат режимот на Слободан Милошевиќ во Србија.
Фестивалот имал две бини, „Шума“ позиционирана во паркот на која се одржувале концертите и „Река“ од другата страна, на брегот на Дунав на која настапуваа најдобрите локални диџеи. Тогаш никој не можел да замисли дека овие две бини само една година подоцна ќе прераснат во Главна бина и Денс-арена на меѓународниот музички фестивал на Петроварадинска тврдина. Во претходните 20 години, водечките светски медиуми како што се „Гардијан“, Си-ен-ен, Би-би-си, „Д тајмс“ и многу други известуваа за „Егзит“ како за еден од најдобрите и најпрестижни фестивали на планетата. На „Егзит“ во изминатите две децении настапија некои од најголемите светски изведувачи.
Прославата на дваесеттиот роденден ќе се одржи од 13 до 16 август на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Своите настапи веќе ги потврдија Робин Шулц, Амели Ленс, Пол Калкбренер, Борис Брејча, Артбат, Нина Кравиц, „Тејл оф ус“, „Блек Кофи“, „Офенбах“, Бурак Јетер, Диџеј Регард, Рони Сајз б2б Елтиџеј Букем, Медуза, Марсел Детман, „Лајбах“, „Обојени програм“, „Гоблини“, Масимо, Марко Настиќ, „Буч Кесиди“…