Основно училиште „Мирче Ацев“ во скопската општина Ѓорче Петров деновиве им е домаќин на 18 наставници и ученици од Грција, Шпанија и од Малта, во рамките на проектот,,Прераскажани приказни за јазичен и културен развој“, на меѓународната едукативна програма „Еразмус+“.
– Проектот почна во октомври 2018, а ќе трае до октомври 2020 година. Во овој период треба да посетиме пет држави и секоја да биде домаќин. Со голема радост ги пречекавме нашите гости и во текот на овие пет дена успеавме да ги прошетаме низ музеите, каде што забележавме дека имаме многу сличности со Шпанија, а секако и со Грција и со Малта. Се потрудивме да им покажеме дел од културните споменици на Скопје, но и да ги запознаеме со природните убавини на градот – Скопско кале, Водно, Матка. Бидејќи целта е да се раскажуваат приказни, посетивме и дом за стари лица, каде што слушнавме изворни сведоштва за минатото. На крајот децата раскажуваа што запаметиле и што им оставило впечаток. Меѓусебно и децата и наставниците се разбираат на англиски јазик – ни рече Гордана Насковска, координаторка на проектот.
Директорката на училиштето, Ѓурѓица Баталакова, ни рече дека гостите биле многу задоволни од срдечниот пречек.
– Нашите драги гости од Грција, Малта и од Шпанија ни рекоа дека уште од првиот момент тука се чувствуваат како дома и дека се топло примени од гостољубивите домаќини. Тоа ми претставува голема чест бидејќи емотивно сум врзана со ова училиште, тука и самата учев, а и сега живеам во оваа општина. Иако на оваа функција сум шест месеци, се гордеам со фактот што нашето училиште е лидер во учество и постигнати резултати во меѓународни проекти – истакна директорката Баталакова.
И градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој присуствуваше на заедничкиот, интегрален час, истакна дека и во иднина во ова, но и во другите училишта во општината, ќе се поттикнува учеството во вакви проекти, чија цел, пред сѐ е размена на искуства преку студиски посети на европските земји, на учениците и на наставниците, и подигнување на нивото на наставата, како и културни придобивки.
– Општината Ѓорче Петров веќе трета година по ред е вклучена во програмата „Еразмус+“. Како градоначалник дадов насоки во училиштата да се продолжи со овие активности, зашто оваа програма дава можност наставниците и учениците да се надградуваат, да споделуваат европски вредности, како дел од активностите на патот на нашата земја кон ЕУ. Засега во нашата општина во оваа програма активно учествува ООУ „Мирче Ацев“, но во иднина се надеваме ќе се вклучат сите шест училишта. Програмата „Еразмус+“ поттикнува партнерство на различни чинители во образованието, за тоа да биде подостапно – ни рече градоначалникот Александар Наумоски.
Тема на интернационален час, за кој беше задолжена одделенската наставничка Маријана Аврамовска Маневска, беше фолклорот.
– Опфатени се три предмети, македонски јазик, ликовно и музичко. Учениците се поделени во 5 групи, а сите имаат име на народен инструмент (дајре, тапан…). Првата група треба да прави сложувалка, втората изработува народен вез со волница и едно народно елече учениците го украсуваат со мониста. Третата група пишува акростих на темата „Фолклор“, како и гатанки и народни поговорки. Четвртата група прави цвет – колаж, а петта група деца со темпера украсува керамички глинени садови. Во активностите се вклучени и учениците од странство – објасни Маневска.
Третоодделенците облечени во народни носии имаа подготвено и кореографија на музиката на народната песна „Земјо македонска“. Гостите, беа одушевени од она што го видоа на часот, но и во текот на петдневниот престој во Скопје.
– Ова ни е прва посета на вашата земја, училиштето е многу убаво, пријатно се чувствуваме тука. Задоволни сме, среќни, се надевам ќе видиме уште многу од вашата култура, ќе контактираме со други ученици – вели Каролина Сабатер Роура, наставничка по англиски јазик од Џирона, Каталонија.
И Марти Вила Валс, доаѓа од истото место во Шпанија, каде што предава музика.
– Ми се допаѓа балканската музика. Нејзиниот карактеристичен звук, ритам, хармонијата на вашето оро. Музиката е многу поразлична од нашата, но е убава. Ми се допадна и Скопје и секаде каде што одиме се трудам да ја почувствувам есенцијата на вашата змеја – ни рече Марти.
И наставникот по физика, Ноусиос Стилианос, кој доаѓа од Лариса, Грција, првпат е во Скопје.
– Сѐ е добро, уживаме. Веќе имав контакти со некои ученици, со кои поразговарав за начинот на кој тука се предава физика и задоволен сум од соработката – вели тој.
Своите импресии ни ги кажа и 13-годишниот Радослав Цанев, ученик од Малта, со бугарско потекло.
– Ми се допаѓа вашиот град, музиката, она што досега го видов. Бевме во центарот на Скопје, во неколку музеи. Убави се и средбите со децата од ова училиште, разменувањето искуства, пред сѐ од мојот омилен предмет, математиката – ни рече Радослав.