Дваесет и шестото издание на фолк фестивалот „Филиграни“ ќе се одржи утревечер, со почетокот во 20 часот во салата на Домот на АРМ во Скопје.

Влезот е слободен, а организаторите се надеваат дека голем број почитувачи на народната музика ќе дојдат да ги проследат новите дваесетина фолк-рефрени, напишани во духот на чалгаџиско-свадбарската фолк-традиција.

Годинашното фестивалско издание ќе се одвива под мотото „Среќни сме што ги имаме Филиграните“, како признание и благодарност од авторите и пејачите-учесници во текот на 26- годишната историја на фестивалот, чии творци се музиколгот Костадин Костадиновски и новинарката Катерина Стојановска Десковска.

– На овој фестивал во изминатиот период се отпеани голем број фолк-хитови, а некои од нив се обнардени, како: „Ти донесов млада невеста“ што на фестивалската сцена ја донесе Војо Стојаноски, „Да беше стрела песнава“ со Гоце Арнаудов, „Розо моја“ со Ибуш Ибраимоски и стотина други кои се наоѓат на петте дискови насловени „Најголеми хитови на Филиграните“. Благица Павловска ќе го отвори фестивалот со најслушаната песна од минатогодишните „Филиграни 2018“, а меѓу годинашните учесници е и Гордана Адамов, позната како Лепа Лана, која заедно со Блага Петреска ќе добие и награда за животно дело. На сцената ќе ги слушнеме: Хако Обиќ ( БиХ), Ивајло Димитров (Бугарија), како и нашите пејачи Орце Стевковски, Серафина Фантаузо, Дамјан Стојаноски, Влатко Алексовски, Васко Форти и Анита Бошкова – вели Стојановска Десковска.

Таа додаде дека во шоу-програмата ќе настапат Благица Павловска, Вики Среброва, Смиља Митревска, Кате и „Нели ти реков“, Јулија Мациевска и други изведувачи.

Организациски директор на фестивалот е Зоран Десковски, Катерина Стојановска е претседател на жирито, а Јулија Мациевска, освен како пејачка, ќе ја видиме и во улогата на водителка.

М.Т.