Откако на Фејсбук се појави настанот наречен „Упаднете во ’Област 51’, не можат да нѐ запрат сите“, кој ги повикува учесниците да се соберат во што поголем број со цел да влезат во воената база на 20 септември, Мати Робертс, кој го креаираше настанот како еден вид сатирична шега, и самиот е изненаден од големиот одзив кој го предизвика настанот, пренесуваат американските медиуми.

„Област 51“, која е предмет на бројни теории на заговор, стана актуелна на социјалните мрежи откако се појави шегата на Робертс, кој ги повика „да упаднат и да ги видат вонземјаните и вонземската технологија која таму е скриена од страна на војската на САД“.

Но, шегата брзо била прифатена од над милион луѓе кои го потврдија нивното учество во „упадот“. Сепак, Робертс набрзо најави промена на планот, па така наместо упад во воената база која се наоѓа во пустината во Невада, „упадот“ да ќе се обиде да го смени во еден вид музички пустински фестивал, со акцент на вонземјаните кои се цел на шпекулации на љубителите на теории на заговор.

– Сакам да донесеме артисти кои не се познати со цел да се отвори една нова традиција која ќе се одржува на ова место и ќе ги поттикнува музичарите кои допрва почнуваат да се појават за да настапат во пустината – изјавил Робертс за американските медиуми.

Точната примена на американската база не е позната. Објектот е обезбедуван од вооружена стража, како и од камери за надгледување на просторот, а од американското воено воздухопловство упатија остро предупредување до оние што имаат намера навистина да се обидат да упаднат во базата.