По осми пат оваа година здружението за едукација, комуникација и консалтинг „Охо“ организира „Треш фешн“, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали. Ревијата ќе се одржи денеска, од 17 часот, во МКЦ, по повод Светскиот ден на животната средина. На настанот ќе учествуваат тимови од 40 средни училишта, кои веќе четири месеци собираат, рециклираат и изработуваат оригинални модни дизајни.
Натпреварот е наменет за сите средни училишта што се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, која ја имплементира „Охо“ во соработка со Министерството за образование и наука.
Целта на настанот е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу себе и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.
Прво, второ и трето место годинава ќе додели петчленото жири во состав: Петар Атанасов – заменик-министер за образование и наука, Ружица Антиќ – главна уредничка на „Портрет“, Ирина Тошева – модна дизајнерка, Марио Додовски – моден критичар и Лука Ѓоргиевски, лидер на бендот „Фанк шуи“.
– Оваа година ќе биде доделена и награда за тимот што реупотребил најмногу отпад за изработка на својот модел – информираат организаторите.
Додека трае гласањето, ќе настапи музичкиот бенд „Бејсмент култ“ составен од ученици од СОУ „Никола Карев“ – Скопје.
Пред настанот учениците ќе имаат можност да учествуваат на едукативна работилница. Уметницата Христина Зафировска со учениците ќе изработува модни додатоци, а изработените дела ќе бидат изложени во холот на Младинскиот културен центар.
Оваа година „Треш фешн“ се реализира со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и градот Скопје.