Матеј соработувал со американските ѕвезди Џон Леџенд, Брајан Кенеди и Анжелик Синелу за песната „Start a Fire“, чија верзија беше дел од филмскиот хит „Ла-ла ленд“
Матеј Џајковски создава музика за светски познати изведувачи
Матеј Џајковски, кој започна како млад скопски диџеј што музиката ја носи во себе како наследство од татко му Кирил, доајенот на балканската електронска музика, се движи по сопствена патека, создавајќи музика за светски познати изведувачи, преку продукциската компанија ОБОЈ (OBOY). Претходно тој ја потпиша познатата песна на Тони Зен, „Прљаво на Балкан“, која пет недели беше на врвот на топ-листата на Ем-ти-ви Адрија во 2016 година, а ја продуцираше и навивачката песна за македонската фудбалска репрезентација на Европското фудбалско првенство во 2016 г., заедно со Даниел Кајмаковски.
Музиката на Матеј ја бараат и светски познати изведувачи. Соработувал со американските ѕвезди Џон Леџенд, Брајан Кенеди и Анжелик Синелу за песната „Start a Fire“, чија верзија беше дел од филмскиот хит „Ла-ла Ленд“ од 2016 година. Саундтракот од филмот се искачи на второто место на американската и на врвот на британската топ-листа. И песната „Mouth Wide Open“ на Ејс Харпер, сопруга на тапанарот на „Ганс енд роузис“, Мет Сорум, е негово дело. Заедно со продуцентот Брајан Кенеди, освојувач на награди „греми“, ја продуцираше музиката за хитот „Out“ на Кристина Базан, пејачка, манекенка и блогерка, што ѝ обезбеди место на листата „Арт енд стајл“ на „Форбс 30“.
Како се навлековте на оваа уметност?
– Уште во мојата рана младост бев голем обожавател на хипхоп-музиката и сакав да видам како можам јас да го создадам тој звук, така што започнав да собирам стари плочи, од кои користев семплови за да создадам сличен звук. Ова ме одведе кон диџејството и пуштањето многу хипхоп, аренби, соул и фанк-плочи. Потоа посериозно ѝ се посветив на продукцијата.
Вашата кратка биографија ја полнат повеќе соработки со светски имиња, како што се Џон Леџенд, Брајан Кенеди, Анжелик Синелу. Работевте на песната „Start a Fire“, од филмскиот хит „Ла-ла ленд“ од 2016 година и многу други. Како почнаа соработките?
Што е она што им се допадна во вашата музика?
– Го запознав Брајан во 2012-та, по што изградивме заемна соработка. Проектот за Џон Леџенд дојде преку него и Анжелик. Им се допадна мојот поинаков пристап кон продукцијата, како и мојата умешност во различни жанрови.
Што фрли најсилна светлина врз вашето име?
– Дефинитивно, тоа е мојата работа на песната на Џон Леџенд за филмот „Ла-ла ленд“.
Успевате со своите дела да доминирате на плеј-листите. Кои елементи се клучни да се пласирате на пазарот? Како се освојуваат симпатиите на публиката?
– Секогаш се работи за песната и за надежта дека луѓето ќе се поврзат со неа. Треба да бидеш доследен на себеси и на својот звук и да ја споделиш својата визија со нив.
Кој е најдобриот совет што го добивте кога станува збор за музичка продукција?
– Имаш 10 секунди за да го грабнеш вниманието на луѓето.
Кога се твори најпродуктивно?
– Дали на самото место или оддалеку, мора да бидам подготвен да творам секогаш кога се закажани сесиите, што, понекогаш, може да биде и во 10 часот наутро или во 10 часот навечер. Јас лично повеќе сакам да творам подоцна во денот.
Кои се вашите следни аспирации кон кои што неуморно се стремите? Кои врвови тежнеете да ги освоите?
– Во последно време сум насочен кон разновидни проекти, вклучувајќи ја работата со THEY и нивните најнови проекти, поврзувајќи се преку Ендрју Грант, кој е уметнички директор на „АнР“ (Artist and Repertoir) во „Ворнеј мјузик“ за нивните уметници, како и на потенцијални проекти за пазарот на „К-поп“, како што се Ничкун од групата „2ПМ“ и Донг Хан од ЏБЈ (JBJ). Сакам да творам и да ги споделувам моите идеи со луѓето во светот и се надевам дека мојата музика ќе се поврзе со нив, да продолжам да растам и да учам создавајќи го тоа што го сакам и се надевам да изградам успешна долготрајна кариера.