Никола Мицевски, музичар и композитор
Времето во кое живееме како да сака да ги зароби креативноста, дарбата, творењето… Сепак, познатиот македонски композитор, инструменталист и продуцент, Никола Мицевски, најде мотив за креативни изблици и токму за време на пандемијата создаде многу, компонираше, оствари соработки, чекореше на непознат креативен терен, а освојуваше и награди… Почнува со класичната музика, студира на Отсекот за компонирање на ФМУ во Скопје, а негов инструмент беше хармониката. Подоцна, преку поп и фолк-музиката доаѓа до изворот, до етномузиката и како да се пронаоѓа таму.
Како ви успеа да одите спроти ветерот?
– Искрено, ниту јас ниту кој било друг посакуваше и помислуваше дека светот ќе се најде во ваква ситуација, која генерално не е добра за многу професии, а особено за музичката фела. Но во ова време-невреме, успеав беспрекорно да функционирам. Некако карантинот добро ми дојде затоа што елиминирав многу од секојдневните обврски и најдов време за творење и за посветување на музиката толку колку што честопати сум посакувал. Тоа ми беше еден од најкреативните и најплодни периоди во животот. Некои од композициите што ги направив веќе се во етер, но многу од нив сѐ уште не се издадени.
Ви недостигаат ли концертите, живите настапи, аплаузот и реакциите на публиката?
– Многу недостигаат публика, концерти, настапи, заемна размена на позитивна енергија, едногласно пеење, среќни лица, заедничко музицирање со колегите музичари.
Ова ново време е овековечено во многу дела, дали ставивте потпис на некоја таква партитура?
– Периодов најмногу сум окупиран со мојот прв албум со инструментална авторска музика, кој треба да значи една сублимација на целото мое искуство и знаење, посегање до најдлабокиот извор на музика, од дното на мојата душа. Премногу сум возбуден, морам да признаам. Деновиве се последните подготовки за видеото што го сработи Даниел Јовески. Се надевам и музиката и спотот ќе допрат до публиката, која ќе го препознае мојот начин на изразување. Албумот се вика „New era“, по малку симболично, нов почеток, нов правец, нов начин на функционирање. Се надевам дека до крајот на годината целиот албум ќе биде готов и заедно со дел од Македонската филхармонија, кои впрочем се дел и од студиските снимки, ќе направиме голем концерт.
Потекнувате од музичко семејство, што на некој начин ви ја одреди животната патека. Од кого учевте?
– Најпрво, учев од мојот татко, тој ми беше првиот и можеби најважниот учител кој успеа да ми ја влее љубовта кон музиката. Нормално, без мојот талент кој го дарил Господ, мисијата на моите родители немаше да биде успешна. А во животот сум имал уште неколку важни учители кои директно влијаеле на мојот пристап и љубов кон музиката. Прв кој рече дека треба да се занимавам со компонирање беше мојот наставник по музичко од основно, Владо. На таа возраст не го разбрав баш што зборува, но подоцна убаво го сфатив тој негов совет. Понатаму, мојот класен раководител од музичкото училиште во Битола, Василчо Пецаковски кој со неговата посветеност кон мене исто така директно влијаеше за моето изучување на композицијата. Се разбира, главниот мој учител на тајните на композицијата, создавањето музика, форма, оркестрација, беше професорот на Факултетот за музичка уметност и компoзитор м-р Гоце Коларовски, кој за жал прерано го напушти овој свет. Жал ми е што не успеа да чуе многу од моите дела со кои се надевам ќе беше горд.
Почнавте со класичната музика, студиравте на Отсекот за компонирање на ФМУ во Скопје, а ваш инструмент беше хармониката. Подоцна, преку поп и фолк-музиката дојдовте до изворот, до етномузиката и таму како да се пронајдовте.
– Во текот на студирањето на отсекот по композиција имав можност да посетувам и многу интернационални семинари по композиција и дружејќи се со големи европски композитори, стекнав уште повеќе знаење и искуство. Генерално, музиката нели нема граници и добро е човек да ја испитува и проучува во што повеќе правци и стилови. Но, кај секого има еден правец каде што се чувствува најудобно и каде што е најкреативен. Кај мене тоа биле фази од животот, различни периоди во мојот композиторски опус. Почнав со современа сериозна музика, потоа поп, па потоа еден период од мојот живот правев фолк-музика и работев на нејзино осовременување во оркестрацијата, на формата, начинот на изведбата. Мило ми е што тоа остави белег и публиката го препозна. Имаше и период кога ѝ се посветив на хармониката и направив многу композиции во кои ја вметнав. Но со текот на времето клавирот некако ми се наметна како главен инструмент. Покрај сите тие жанрови кои ги работев, етноправецот, творење во духот на традицијата, осовременување на старото и давање на ново руво, отсекогаш беше голем предизвик и сериозна задача за мене.
Почитувајќи го наследството создадовте нешто свое, оригинално. Колку ви значат корените?
– Кај секого има еден правец каде што се чувствува најкомотно и каде што е најкреативен. Кај мене тоа биле фази од животот, почнав со современа сериозна музика, потоа поп, па фолк, работев на нејзино осовременување. Имаше и период кога ѝ се посветив на хармониката, потоа клавирот некако ми се наметна како главен инструмент. Покрај сите тие жанрови, етноправецот, творење во духот на традицијата, осовременување на старото и давање на ново руво, ми стана голем предизвик и сериозна задача за мене. Воодушевен сум од традицијата, со оваа изворна музика растев и затоа сега го имам тоа во себе. За еден автор најголемата награда е да биде препознаен како оригинален. Како свој, да наметне свој јазик на изразување.
Македонскиот народ е многу талентиран за музика, но како да ни недостига самопочит да го негуваме и зачуваме она што сме го наследиле. Колку етносот е потврда за идентитетот?
-Да, впечатокот е тој, за жал. Немаме доволно почит кон нашето наследство и полека се губи националната стратегија за зачувување и негување. Традицијата и фолклорот се фундаменти за зачувување на идентитетот, за посебноста на еден народ. Сите околу нас сакаат да грабнат од нашата традиција и да се како нас, а само ние не сакаме да сме тоа што сме. Верувам дека сѐ уште нѐ има доволно со своите дела и залагања да придонесеме за зачувување на она што значи наследство, традиција, идентитет.
Соработувавте со најдобрите македонски пејачи и групи, а, еве, сега соработувате со млади таленти. Колку се скапоцени за вас сите овие искуства?
– Да, имав чест да соработувам речиси со сите најголеми изведувачи кај нас, секој е посебно искуство. Приказната со создавање албуми започна од 2010 г. со албумот „Оди ѕвездо“ на Наум Петрески. Тоа беше вистинско освежување на музичката сцена. Потоа следуваше можеби за мене најзначајниот албум „Македонско девојче 2“, приказна што допре до сите генерации. Во меѓувреме ги направив албумите „Непокор“ и „Непокор 2“, каде што повеќе од 25 стари македонски песни спакував во ново руво. Следуваше вториот албум за Каролина, „Извор“. Од 2014 г., па наваму со „Некст тајм“ работиме на еден од најзначајните проекти за мене и за македонската музика воопшто, кој наиде на одлични реакции кај публиката. Стари песни добија оригинални етнофилмски аранжмани и повторно заживеаја, особено кај помладата публика. Тој албум особено ми значи и го работам со огромна љубов и посветеност, а конечно ќе излезе годинава. Но соработувам и со пејачи што не ѝ се познати на публиката, дебитанти со желба и големи соништа: Никола Зацевски, Омар Xафероски, Тамара Стојковска, Лина Авшар, Викторија Чочороска и други. Да им се подаде рака на млади таленти е посебно задоволство и тоа многу ме исполнува.
На последниот „Макфест“ лани освоивте две награди. Дали тоа беше ваше враќање во поп-музиката?
– Имав две песни што оставија голем впечаток кај публиката, а истовремено жирито на фестивалот двете ги награди. Се разбира дека тоа ми значи и ме поттикнува и понатаму да правам поп-музика. Тоа е дел од мене. Со Омар, со Зацевски, работиме на цели албуми со модерна поп-музика. За Ѓоко Танески работам албум во етнопоп-стил, нешто поразлично за него. Сакам постојано да експериментирам, да се натпреварувам со себе.
Некои ваши песни се обнародија и луѓето со сето срце ги прифатија како свои. Колку ви значи тоа, ве обврзува ли и во иднина постојано да го барате најдоброто од себе, како автор?
– Песните како „Две лири“, „Кој да ми запее“, „Чалгиска“, „Ѕвона“, „Вези вези“… уште од нивното промовирање си го најдоја својот пат до публиката и веќе на некој начин многу од нив се обнародени. Тоа најдобро сум го почувствувал на концертите кога ги изведуваме со Каролина и нашиот бенд. Задоволството да чуеш своја песна испеана едногласно од повеќеилјадна публика е непроценливо и неописливо со зборови. Ама, пак, тоа за мене значи уште поголема, огромна мотивација за секогаш да го вадам најдоброто од себе, да црпам од својот најдлабок извор во себе. Реакцијата на публиката е најголемиот мотиватор, а истовремено и суд, дали е нештото добро или не.
Што е најново во вашата музичка работилница?
– Изминатиот период работев и сè уште работам на неколку сосема различни проекти. Покрај овие комерцијални проекти, албуми за неколку наши изведувачи: Ѓоко, Бојана, Никола, Омар, Дани трио… работам на албум за една позната пејачка од Србија, втор заеднички, првиот го реализиравме пред 3 години, и уште со неколку други изведувачи за што наскоро ќе известиме.
За композиторите е голем предизвик да создаваат филмска музика, дали има нешто на повидок во тој правец?
– Да, и јас имам сè поголема желба да работам на музика за филм, документарец, театарска претстава итн. Моментално работам на дел од музиката за еден македонски филм во странска продукција кој наскоро ќе биде промовиран. Имам работено музика на неколку македонски документарни фимови од кои би го издвоил „Боите на Преспа”, кој својата премиера ја имаше на филмскиот фестивал „Браќа Манаки” во Битола. Исто така работев на музика за театарската престава „Глембаеви” која помина одлично и имав чест да соработувам со еден од најпознатите режисери на овие простори, Бранко Брезовац. Се разбира нашата соработка ќе продолжи.
Дали можеби концертот со Каролина во придружба на Филхармонија ќе има продолжение?
– Концертот на Каролина со Филхармонија за мене претставува лично големо достигнување затоа што песните од двата албуми кои ги направив за неа ги спакував со оркестрации за филхармониски оркестар. Навистина незаборавно искуство, прекрасни концерти. И во иднина имам неколку договори за соработка со таков состав.
Еден човек за да биде комплетен, значајно место во неговиот живот има семејството, а вие не би биле она што сте без сопругата и двете ќерки. Колку ви значи нивната поддршка?
– Мојот живот доби потполна смисла откако станав фамилијарен човек, сопруг и татко на две ќерки. Нивната поддршка ми значи најмногу од сè, особено поддршката од сопругата која ја имам во секој момент. Нивната позитивна енергија, задоволството и среќата од тоа што го правам се најголемиот мотив за сè што правам.
Дали девојчињата ја сакаат музикаат, имаат ли дарба и доколку го одберат вашиот пат „со седум кори“ дали би ги поддржале да го остварат својот сон?
– Двете ќерки се многу музикални по природа. Поголемата веќе е длабоко запливана во музичките води, веќе шеста година посетува настава во основното музичко училиште во Скопје и свири клавир. Одлично пее и досега има учествувано на неколку детски фестивали како и на натпревари по клавир. Помалата ќерка исто така одлично пее, но таа повеќе сака да биде балерина и моментално е посветена на тоа. Доколку вистински го сакаат тоа понатаму во животот, се разбира дека ќе им помогнам толку колку што ќе можам. Но треба да научат и сами да се борат и со посветеност, професионализам, проучување и многу работа, сами да стигнат до зацртаната цел.