Популарниот актер и холивудска ѕвезда Том Круз, според написите во медиумите, планира да снима акционен филм во вселената, но во соработка со „Спејс екс“ и нејзиниот основач Елон Маск и со НАСА.
Како дел од тој проект, ова всушност би можело да значи развој на првиот филм што ќе биде снимен во вселената, пишува „Индипендент“, повикувајќи се на списанието „Дедлајн“.
Иако филмот ќе биде акциона авантура, тоа не е уште едно продолжение на франшизата „Невозможна мисија“. Популарниот Том Круз (57) е познат по своите акробации во акционите филмови, а многу од нив се снимани без дублери. Снимањето на „Последици“, шестото продолжение на „Невозможна мисија“, мораше да биде стопирано во 2018 година, бидејќи Круз скокајќи од покрив на покрив си го скрши глуждот.
„Спејс екс“ е првата компанија што развила ново вселенско летало за мисија со екипаж. Првично е основана во 2002 година, а целта на Маск е всушност да овозможи патувања помеѓу Земјата и Марс.