Тиквешкиот гроздобер уште од првата година на неговото организирање во далечната 1964 година претставува можност кавадарчани покрај традицијата на одгледување на лозата и производството на вино и ракија да го покажат најдоброто од својот град. Во оваа традиционална стопанска, туристичка и културна манифестација во изминативе децении свој придонес имаат многу генерации. Манифестацијата секогаш трае три дена и се совпаѓа со празнувањето на денот на ослободувањето на Кавадарци 7-ми Септември. Нејзин белег низ годините била богатата карневалската поворка во која се слави стартот на гроздоберот, а богот Бахус симболично го откинува првиот грозд, изложбата на земјоделски производи и механизација, традиционалните мото-трки кои се бодуваа за првенството на Југославија како и настап на најпопуларните интерпретатори на забавна и народна музика.
Изборот на крал и кралица на виното исто така беше можност да се покаже најдоброто од Кавадарци како и прекрасните девојки облечени во античка облека кои традиционално го придружуваат богот Бахус. За љубителите на добрата капка, вистинска атракција беше точењето вино од цистерна за пет денари чаша и уште многу интересни случувања од гастрономијата за да може најдобро да се покаже традицијата на вештите жени од Тиквешијата во подготвување на најразични специјалитети од грозје, вино и маџун. Она што ја одбележуваше манифестацијата е секогаш присуство на многу гости од цела Македонија и пошироко а на трибините можеа да се забележат почесни гости, амбасадори, министри и аташеа.
За секој Тиквешки гроздобер гостопримливите кавадарчани широко ги отвора вратите на своите домови и очекуваа гости кои се пречекуваа со слатко од грозје, се подготвуваше храна во лонци затоа што покрај најавените секогаш имаше и ненајавени гости, се јадеше зрело грозје, се декустираше добро вино и познатата тиквешка жолта ракија. Добронамерните гости имаа можност да дегустираат црвени и бели вина, на изложбата на земјоделски проиводи да ги видат најубавите и најрепрезентативни плодови од тиквешкото поле и по многу поволна цена да си купат и однесат во своите домови.
Во ликот на богот на виното, радоста, веселбата, плодноста и безгрижниот живот, Дионис (Бахус) најчесто ги гледавме актерите Блажо Николов, Данчо Бањански, Блажо Дињарот, Александар Видиков и Александар Малинков. Ликовниот уметник Јован Јосифовски Ромбо е еден од ликовните уметници кои беа најзаслужни за декорацијата и ликовното обликување на карневалската поставка. Потоа следуваа период кога и помладата генерација уметници оставија значаен белег во се поголемата и помасовна карневалска поворка во која се славеше гроздоберот и производите од грозје. Во 2002 година најатрактивни беа слоновите од циркусот „Колорадо“ кој во времето на одржувањето на гроздоберот гостуваа во Кавадарци. Карнвалската поворка од 2009 година се збогатува со учество на карневалски групи од други градови во Македонија и збратимените градови на Кавадарци: Панаѓуриште, Углевиќ, Перник, Бољевц и други градови.
Поновите изданија на „Тиквешкиот гроздобер се збогатени со бројни манифестации од сите области како спортски натпревари, изложба на олтајмери, таблијада и традиционални вечери на староградска песна, и гостување на музички ѕвезди од Македонија и поранешните Ју- простори.
Годинава случувањата започнуваат со ликовната изложба на ликовниот уметник Лазар Дојчинов со мотиви од винова лоза која ќе биде отворена во четврток. За петок е предвидена изложба на олтамери, ревијален ракометен натпревар на ветераните од ракометната репрезентација на Македонија и возобновување на меморијалниот кошаркарски турнир „Сестри Китеви“, натпревар на коктели со вино и трка на келнери, потоа дегустација на вина, и промоција на збирка од вински мисли на авторот Душко Стефанов.
Главната карневалска поворка се случува во недела во 13.30 часот, а сите три вечери е предвиден настап на познати македонски имиња од забавната и народната музика.