Тејлор Свифт го собори долгогодишниот рекорд на Витни Хјустон за најмногу кумулативни недели поминати на првото место на табелата „Билборд 200“ на пејачка.
Свифт достигнала 47 недели, што е за една недела повеќе од рекордот на Хјустон од 46 недели, објавил вчера Билборд, пренесува „Дејли мејл“.
Витни Хјустон, која почина на 48-годишна возраст во 2012 година беше актуелен рекордер од 1987 година.
Поп-ѕвездата Свифт го постигна импресивниот подвиг оваа недела откако нејзиниот последен албум „Фолклор“ се искачи на првото место на табелата каде што се наоѓа седум последователни недели.
„Фолклор“ е осми албум на Тејлор Свифт, кој го објави на 24 јули и сруши неколку рекорди на топ листите во првата недела од продажбата.
Свифт изјавила дека го напишала и снимила албумот додека била во изолација, соработувајќи на дистанца со „некои свои музички херои“. Во новиот албум, ја сменила својата музика, давајќи ѝ повеќе инди звук.
На Спотифај, албумот имаше 80,6 милиони стримања за еден ден, што е највисока бројка за женски музичар. Во САД се продале 846 илјади копии со што стана најдобро продаден албум за само седум дена. „Фолклор“ одлично се пласира и во Велика Британија, Финска, Австралија, Норвешка, Нов Зеланд и во Белгија.