Њузвик
Дали ефектите на теоретската „Деветта планета“ која астрономите ја бараат уште од 2016 година, всушност, се предизвикани од црна дупка која се наоѓа на крајот од Сончевиот Систем? Ова прашање го поставија двајца научници во новиот труд објавен на порталот „Архив“.
Пред пет години беше објавена студија што го покажа присуството на голем, теоретски свет оддалечен милиони километри од сонцето, кој беше наречен „Деветта планета“ или „Планета икс“. Научниците го предвидоа постоењето на планетата врз основа на невообичаени, елипсовидни орбити на околу 30 таканаречени заднептунски небески тела (ТНО). Тие се заедно групирани на начин според кој мали се шансите тоа да е случајно.
Заднептунците се сите објекти во Сончевиот Систем надвор од орбитата на Нептун, вклучувајќи ги и оние во Кајперовиот појас кој претставува огромен диск на мали небески тела кои орбитираат околу Сонцето.
Создавањето на нашиот Сончев Систем не може да го објасни орбиталното отстапување. Поради ова е важна теоријата за „Деветтата планета“ со која се објаснува свет кој е десет пати поголем од Земјата, кој има силно гравитациско влијание врз заднептунците и на тој начин го објаснува нивното невообичаено групирање на орбитите.
Сепак, и покрај обидите да го докажат нејзиното постоење, „Деветтата планета“ не може директно да се набљудува. Иако некои последователни студии можеби ја поткрепија тезата за нејзиното постоење, некои истражувања, како најновиот труд, дадоа поинакви објаснувања за невообичаените орбити.
Во најновиот труд, чии автори се Јакуб Шолц од универзитетот Дурам во Обединетото Кралство и Џејмс Анвин од универзитетот Илиноис во Чикаго и калифорнискиот универзитет Беркли, научниците велат дека ако ја прифатиме теоријата за „Деветтата планета“ како објаснување за гравитациските аномалии на заднептунците, тогаш ќе мора да ги промениме нашите сфаќања за формирањето на планетите. Тие исто така предлагаат „поинтересна теза“ дека нетипичните орбити на заднептунците се резултат на стара црна дупка формирана на почетокот од настанокот на универзумот, врз која влијаат гравитациските сили на Сончевиот систем.
Ако оваа првобитна црна дупка навистина постои, Шолц и Анвин претпоставуваат дека е опколена со хоризонт на настани (прстен) од темна материја, мистериозната хипотетичка супстанција која сè уште не е идентификувана од научниците и која сочинува 27 отсто од масата на универзумот.
Овој хоризонт на настани може да се протега стотици илјади километри од центарот на црната дупка и може да испушта гама зрачење што е резултат на судир на честичките, односно судирот меѓу темната материја и антиматеријата. Истражувачите треба да ги испитаат овие сигнали за да ја потврдат теоријата за црната дупка.
Трудот објавен на порталот „Арексив“ во претстојниот период ќе биде објавен во научно списание, така што наодите треба да се сметаат за прелиминарни.
Автор: Аристос Георгиу
Превод: Билјана Здравковска