Официјални лица од американската сојузна држава Тексас се извиниле што по грешка објавиле порака-предупредување за итни случаи со куклата Чаки, лик од хорор филм прикажан како осомничен за киднапирање на дете, пренесуваат светските медиуми.
Пораката е испратена преку системот „Амбер алерт“, кој се користи за објавување информации за случаи на исчезнати деца. Во пораката ја има „куклата Чаки“, негативец на хорор филмот „Детски игри“ и неговиот измислен пријател Глен. Осомничениот бил опишан како кукла облечена во костум со трегери и со голем нож.
Пораката е испратена поради дефект во текот на тестирањето, пишува во соопштението на Одделот за јавна безбедност во Тексас.
– Се извинуваме за конфузијата што ја предизвика оваа објава и работиме внимателно да се осигуриме дека тоа никогаш повеќе нема да се случи – се додава во соопштението објавено во медиумите.
Во една необичната порака, ликот на Глен од филмот „Семето на Чаки“ од 2004 година е прикажан како исчезнато дете. Глен и Чаки се опишани како црвенокоси и синооки, бидејќи како такви се појавуваат во хорор серијалот „Детски игри“. Во овој серијал, душата на сериски убиец ја запоседнува детска кукла Чаки. Првиот филм бил објавен во 1988 година и оттогаш се здоби со култен статус, по што беа објавени неколку преработки и продолженија.
Американските медиуми јавуваат дека лажна предупредувачка порака била испратена три пати преку електронска пошта. Системот „Амбер алерт“ е развиен во САД во 1996 година со цел брзо испраќање на клучни информации, за да може јавноста да помогне во пребарувањето и идентификувањето на децата кои се во непосредна опасност.
Предупредувањата се испраќаат до локалните медиуми и директно до јавноста, преку социјалните мрежи и системите за испраќање на пораки.