Пејачката Тамара Тодевска ќе ја претставува Македонија на 64-та „Евровизија“, што ќе се одржи во Тел Авив, Израел, од 14 до 18 мај, одлучи МРТ, носител на лиценцата за учество на овој избор. Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.
Песната и авторскиот тим ќе ѝ бидат претставени на јавноста наскоро.
– Многу сум возбудена и среќна што ќе ја претставувам Македонија на „Евровизија“. Ќе дадам сѐ од себе мојата емоција да допре до публиката. Мојата желба не е само да се пласираме во финалето, туку и да бидеме повисоко на табелата. Зошто и овој пат да не бидам втора, како што се случува кога учествувам на домашните фестивали.
Инаку, веќе со мојот тим работиме на песната – вели Тамара Тодевска.
На „Евровизија“ таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.
Со толкаво евровизиско искуство, се надеваме дека таа ќе даде сѐ од себе, но како што вели, успехот на овој голем фестивал, што го следи аудиториум од над 200 милиони гледачи во светот, зависи од многу фактори: самата песна, сценскиот настап, сценографијата, имиџот…
Тамара потекнува од музичка фамилија, а првпат застана на фестивалска сцена на шестгодишна возраст со сестра си Тијана на „Макфест“. Досега има издадено два соло-албуми, испеала многу хитови, освоила повеќе фестивалски и други награди, а пред две години одржа и голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Нејзин мегахит е „Тажна љубов, среќна песна“ на музика на Роберт Билбилов и текст на Игор Џамбазов.
А што се однесува до подготовките за „Евровизија 2019“, денеска ќе се знае која држава во кое полуфинале ќе настапи. Исто така се познати и имињата на водителите, меѓу кои е и светски познатата израелска манекенка и фотомоделка Бар Рафаели. Таа ќе го води „Евросонг“ заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб. Организаторите го најавуваат и доаѓањето на Мадона, како специјална гостинка на „Евровизија 2019“.
Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.