Годинашен организатор на „Пиво-фест“, кој се одржува под мотото „За добра мисла“, е агенцијата „Баги комуникации“, од каде што најавуваат убава музичка манифестација за сечиј вкус
Привршуваат последните подготовки за стартот на годинашното 17-то издание на популарната македонска и балканска манифестација „Пиво-фест“, што почнува вечерва, а ќе заврши на 21 јули во Прилеп. На „Пиво-фест“, кој годинава се одржува под мотото „За добра мисла“, ќе настапат популарни музички имиња од земјава и од регионот: групите „Галија“, „Фрајле“, „Сирилик“, пејачката Даниела Мартиновиќ и други, а водители ќе бидат Жарко Димоски и Јана Серафимова.
– Забава ќе има за сите генерации и се надеваме дека ќе имаме многу посетители – велат од општината Прилеп.
Годинашен организатор на „Пиво-фест“ е агенцијата „Баги комуникации“, од каде што најавуваат убава музичка манифестација.
– Голем предизвик е да се организира фестивал, кој се одржува по 17-ти пат и е еден од најголемите во регионот. Направивме програма за секој граѓанин, а ќе бидат застапени сите видови музика: рок, традиционална, рокенрол, поп и алтернативна музика. Се разбира, и музичарите од Прилеп ќе можат да се претстават пред своите сограѓани – рече првиот човек на агенцијата, Владимир Манидчевски-Манде, на вчерашната прес-конференција.
Фестивалот вечерва го отвораат „Прилепски еснафи“, потоа ќе настапат дуетот Селимова – Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а на крајот на првиот ден, по подолго време ќе уживаме во песните на рок-бендот „Галија“. Во петок ќе пеат: Ален Хасановиќ, Миле Кузмoноски, Кантурови и фолкерката Светлана Цеца Ражњатовиќ. Во сабота ќе настапат „Д наундс“, „Влатко Стефаноски Трио“, „Фрајле“ и групата „Нокаут“. Последната вечер, во недела, ќе биде во знакот на „Д фор“, „Кал бенд“, Даниела Мартиновиќ и „Сирилик“.
– „Пиво-фест“ ќе го збогатиме со уште една дополнителна активност. Ќе има организирани посети на музејските поставки, што е одлична можност за презентација на Прилеп и неговото културно и природно богатство. Прилепското вовче ќе биде збогатено со интересните приказни за градот – велат организаторите.
И оваа година ќе може да се кампува на Паркот на револуцијата. Утрата на посетителите со авантуристички дух, на 17-то издание на овој фестивал ќе почнуваат со вкусен појадок, кафе и топла чорба. Просторот ќе биде подготвен да ги задоволи и хигиенските барања на камперите. За добрата понуда за време на четирите фестивалски дена ќе се погрижат од локалната самоуправа. Така, од годинава ќе има пулт „Изгубено-најдено“, во самиот центар веќе се мести арена за пеинт бол, ќе има разни игри за посетителите и активна детска зона. Од годинава има и алтернативна фестивалска бина, а до раните утрински часови публиката ќе се забавува со музиката на познати прилепски диџеи.