Луѓето кои имаат обичај да јадат доцна навечер, често поради тоа чувствуваат вина бидејќи, според мислењето на стручњаците, тоа лошо влијае врз здравјето. Но не мора да биде така, покажуваат резултатите на нова помала јапонска студија.
Врежано е мислењето на многу светски стручњаци дека треба да се избегнуваат оброците доцна навечер.
Во Јапонија во сила е една јавна препорака дека луѓето треба да остават барем два часа меѓу последниот оброк и одењето на спиење.
Но, сега една студија спроведена во оваа земја покажа дека тоа не е потребно.
Се мислеше дека оброкот конзумиран пред спиење го зголемува ризикот од појава на болести поврзани со зголеменото ниво на гликоза во крвта, како дијабетес и болести на срцето.
Но, бидејќи за тоа немаше докази, јапонските научници ги анализирале медицинските податоци кај 1.573 средовечни лица кои немале здравствени проблеми поврзани со нивото на шеќерот во крвта. Биле поделени во две групи, на оние кои морале да се држат до двочасовниот период од вечерата до легнувањето и оние што не треба да го прават тоа.
Истражувањето траело три години и покажало дека немало никакви поважни разлики во нивото на шеќерот во крвта меѓу двете групи.
Наместо тоа, податоците покажале дека другите фактори како телесната тежина, пушењето и физичките активности играле многу поголема улога во развојот на болестите, отколку јадењето пред спиење.
– Многу повеќе внимание треба да се посвети на здравата исхрана, доволно спиење, избегнување на цигари и алкохол, како и дебелината…бидејќи токму тие варијабили имале значителен ефект врз метаболизмот од доцното вечерање – заклучиле јапонските научници.