Канје Вест се „надгради“ себеси со нов стил, чудна фризура и со библиско име
Канје Вест повеќе не постои. Познатиот рапер, продуцент и моден дизајнер пред неколку месеци поднесе барање за законска промена на своето име од Канје Омари Вест во Је, без средно име и презиме. Високиот суд во Лос Анџелес сега го одобри барањето, при што судијката Мишел Вилијамс во документите наведува дека „барањето за промена на името е одобрено бидејќи немало приговори“.
Претходно, во своите објави на социјалните мрежи, како и во неколку интервјуа, Вест откри дека Је е кратенка од неговото прво име кое го сака и е збор што често се користи во Библијата. Тој наведе дека неговата одлука е од лични причини.
Но, Канје, или подобро кажано Је, не застана тука со промените, туку продолжи да го изненадува светот, главно преку облеката и стилот, односно со носењето на чудни маски и неговата нова фризура.
Је веројатно го гледал новиот филм од серијалот за британскиот таен агент Џејмс Бонд „Нема време за умирање“ и се претпоставува дека е голем обожавател на негативецот што го глуми Рами Малек, па одлучил тоа да го покаже и преку невообичаеното издание, појавувајќи се со бела маска во Венеција, Италија.
Вест исто така беше забележан и на настап за време на венчавка во италијанскиот град, каде што носеше црна маска, која обожавателите посочија дека наликува на онаа на маскираниот негативец во познатата серија на „Нетфликс“ „Сквид гејм“.
Тој ги збуни обожавателите и со неговата нова фризура, која предизвика различни реакции за имиџот на 44-годишниот рапер, а некои се посомневаа дека неговите деца всушност се виновни за фризурата.
– Канје повторно им дозволил на своите деца да му ја скратат косата – коментираше еден корисник на Инстаграм, додека друг го праша кој бербер го потшишал, шегувајќи се дека истиот треба да биде тужен.
Голем број корисници на социјалните мрежи се обидоа да најдат и скриено значеење во новата фризура на 44-годишниот рапер, а други посочија дека со неговата бизарна фризура и облека Вест се обидува да започне нов тренд. Сепак, менувањето на името изгледа и не е најчудната одлука што музичарот ја направил досега.