Бренд-концепти: Музички икони (14)
Стинг е музичар, кантавтор, актер, гитарист, продуцент и е еден од ретките преостанати музички ветерани, кого вреди и понатаму внимателно да го слушаме, затоа што создава полнокрвен поп-рок. Вистински рок-ветеран што со носталгија нѐ потсетува на светлите и славни времиња на рок-музиката. Уште многу одамна тој е мојот фаворит во сенка, кога се во прашање познатите музички икони. Да, токму тој е музичарот што пееше за светски познатата проститутка Роксен, на која ѝ шепотеше да ја изгаси црвената светилка, ни испраќаше пораки во шише, нѐ шеташе по златните полиња, нѐ тераше да шетаме по месечината… и да, тој е Англичанецот во Њујорк што ни ја покажуваше месечината над улицата Бурбон во Њу Орлеанс.
Роден е на 2 октомври 1951 година како Гордон Самнер во Волсенд, гратче во североисточна Англија. Мајка му Одри била фризерка, а татко му Ернест млекар. Уште во раното детство чичко му му подарил гитара, која му станала најдобар пријател. Како студент ги посетувал ноќните клубови каде што со внимание ги слушал настапите на Џими Хендрикс, Џек Брус, Флитвуд Мек и другите блузери, кои подоцна ќе имаат големо влијание на неговиот музички развој. Почнал да пишува песни и да ги изведува со џезрок-групата „Ласт егзит“. Тоа е период кога се врти кон џезот, најмногу поради влијанието од Мајлс Дејвис. Тогаш често носел црно-жолти маици со пруги, во кои личел на осичка, па, така, го добива прекарот Стинг (оса, осило, бумбар), прекар што ќе му остане засекогаш. На една од свирките на групата „Ласт егзит“ ќе го запознае Стјуард Коупленд, тапанар на познатата симфорок-група „Карвет еар“, со кој во 1977 година ќе ја оформи групата „Полис“, во која како трет член ќе пристапи францускиот панкер Анри Падовани, кого по кратко време ќе го замени ветеранот на англиската рок-сцена Енди Самерс, член на една од поставите на култната група „Анималс“. Со здружувањето на тројцата музички генијалци кругот се затвора и успехот на „Полис“ е неминовен.
Нивни прв голем хит е „Roxanne“ од албумот „Outlandos De Amour“. Тоа е песна за човек што се вљубува во проститутка. Стинг ја напишал песната откако видел една проститутка пред некој хотел во Париз, која заработувала за живот занимавајќи се со најстариот занает на светот. Името ѝ го дал според лик од претставата „Сирано де Бержерак“. Песната е мешавина на реге и на тоа што подоцна ќе се нарече њувејв, ќе ги освои сите светски топ-листи и на групата ќе ѝ донесе планетарен успех. Во 1979 година следува вториот албум „Regatta De Blanc“ и уште еден мегахит „Mesagge in a Bottle“, со кој групата го освои првото место на музичките топ-листи. „Полис“ со своето реге-влијание многу брзо ги освојува срцата на публиката и во 1980-тите години влегува како најголема музичка атракција и почетокот на таа деценија ја обележа на начин како што „Битлси“ го направија тоа со шеесеттите, а „Дип Парпл“ и „Лед Цепелин“ со седумдесеттите. Доаѓа 1983 г. и „Полис“ на музичкиот пазар го издава и нуди музичкото совршенство „Every Breath You Take“. Групата добива две награди „греми“ за хит на годината и најдобра поп-песна во категоријата музички состави.
Оваа музичка нумера е врвот на кариерата на „Полис“, но и јаболкото на раздорот по кое тие никогаш нема да се оправат како група. Тие многу често беа категоризирани како панк-група, но нивниот звук тешко дека можеше да се смести во еден жанр, најмногу поради многуте влијанија од џез-музиката и прогресивниот рок. Тука некаде „Полис“ престанува да постои, но почнува успешната соло-кариера на Стинг.
Во 1985 година Стинг го издава хит албумот „Dream of a Blue Turtles“, во кој безмалку сите песни станаа хитови. Неизоставно треба да се спомне мегахиотот „Moon Over Bourbon Street“. Тоа е можеби и најдобрата балада компонирана од Стинг, за која директна инспирација добил од писателката Ен Рајс, авторка на приказната „Интервју со вампирот“. Инаку, улицата Бурбон се наоѓа во градот Њу Орлеанс, во францускиот кварт. Таа е вистинска туристичка атракција, преполна со барови, стриптиз-клубови, јавни куќи и најразлични кабареа. Не само по темата, туку и по реализацијата оваа нумера спаѓа во нестандардните производи на рок-музиката. Во нејзиното создавање учествуваа четири врвни џез-музичари: саксофонистот Бренфорд Марсалиус, клавијатуристот Кени Киркленд, басистот Дени Џонс и тапанарот Омар Хаким.
На крајот од 1980-тите и на почетокот од 1990-тите Стинг одлучува да снима различни видови музика: балади, џез-композиции и интригантни инструментални парчиња. На врвовите на топ-листите беше присутен со хитовите: „Fields of gold“, „Sting If I Ever Lose My Faith In You“, и секако неповторливата „Englishman in New York“, која на Јутјуб има повеќе од 122 милиони прегледи. А доколку јас се прашувам која е негова најдобра музичка изведба, тоа секако е акустичната „Fragile“, но во дует со Стиви Вондер и неговата усна хармоника. Како и да е, песните на Стинг секој ги разбира, без разлика дали се во панкреге-изведба на „Полис“, во џез-пакување каква што е поголемиот дел од неговата соло-кариера или во обработка на некој од хипхоп-јунаците, каков што е Пи Диди. Во досегашната кариера има добиено 16 „греми“ и награда од центарот „Кенеди“ за развој на културните вредности. Покрај музичка, Стинг има и успешна актерска кариера и е познат по улогите во филмовите: „Квадрофонија“, „Дина“, „Невеста“, „Две зачадени двоцевки“, „Сулфур и меласа“ и др. Автор е на музиката за филмовите „Моќниот“ и „Аферата Томас Краун“. Скромно вели дека негова работа е да компонира и да пее. Тој тоа повеќе од успешно го работи веќе 30 години и очигледно нема намера во блиска иднина да прекине.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)