Стејкејшн е одмор поминат во матичната земја, ден поминат дома или на еднодневно патување до локалните атракции
Поминаа шест месеци откако целиот свет се затвори. Границите на многу земји се целосно затворени, некои од земјите периодов ги променија правилата и почнаа да примаат туристи, но патувањата сѐ уште не изгледаат како порано.
Поради неизвесната ситуација, а и од безбедносни причини, најдобро е да се остане дома. Светот на патувањата драстично се смени, па излез се гледа само во кратки еднодневни излети или викенд-патувања. Овој начин на живот го актуализира терминот „стејкејшн“ како глобален тренд во корона-добата.
Стејкејшн е одмор поминат во матичната земја, ден поминат дома или на еднодневно патување до локалните атракции.
Терминот се појави пред неколку години, ставајќи акцент на тоа дека краткиот одмор е подобар од никаков. Па, со текот на време кратките дневни и викенд-патувања станаа сѐ почест избор на многумина вљубеници во патувањето.
Од улога на турист во својот град до посета на соседниот град или место, истражување знаменитости во соседството, стејкејшн нуди безгрижност и задоволство во своето опкружување. Ви откриваме неколку есенски стејкејшн-понуди што нудат забава, одмор и нова енергија.
Бидете турист во својот град
Ретко кој се сеќава кога последен пат прошетал низ својот град, во улога на турист. Брзиот ритам на живот не ни дозволува да видиме што имаме пред нос. Па, есенва е идеална за прошетка во парк, музеи што со години не сте ги посетиле или воопшто не сте ги посетиле, посета на изложба. Изберете улици што обично ги избегнувате, ќе откриете ново кафуле или парк. Ова ќе ви даде нова перспектива и поглед на градот во кој живеете.
Планинарете
Сончевите викенди се идеални за поминување време во природа, одлична опција е стејкејшн да се претори во активен одмор. Во секој град има локации што нудат пејзажи, летниковци, видиковци, полјани, ливади, врвови што може да се истражат.
Истражување на соседството
Еднодневните и дводневните излети во вашата блиска околина се одлична опција за викенд-одмор. Оваа опција ви нуди да откриете што имате во вашата близина, промена на секојдневието, а и лесна подготовка за реализација на патувањето. Потребни ви се ранец и голема желба.
Почестете се со спа-третман
Брзото темпо и преполната дневна агенда ја одземаат целата енергија, па сите со душа го чекаат викендот. Некогаш за опуштање е доволен еден спа-третман или масажа.
Романтичен викенд
Романтична вечера може да се доживее и во некој од домашните хотели, во вашиот град или во близината на градот. А, секако, интересна опција е и романтичен „појадок во кревет“ во вашиот дом. Неколку свеќи, омилениот десерт и шише шампањ на крајот од денот се доволни за краток одмор и полнење на батериите.
Стејкејшн дома
Секој ден е исполнет со обврски. Па, стејкејшн поминат цел ден дома, во пижами, со домашна кујна, омилена серија, филмски маратон или читање книга нуди загарантиран одмор.