Поранешниот напаѓач на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, Даниел Стариџ, испрати емотивна порака и барање до неговите обожаватели на Инстаграм, нудејќи богата парична награда за враќање на неговото куче кое беше украдено од неговата куќа во Калифорија, САД, пренесува „Ивнинг стандард“.
Англискиот 29-годишен фудбалер објави серија на видеа и фотографии на Инстаграм каде што има 3,4 милиони следбенци и откри дека разбојници влегле во неговиот дом и го украле неговото милениче Лучи, кучето од расата померанец.
– Вратете го дома. Доколку некој знае кој беа луѓето кои влегоа во мојата куќа, ќе им платам колку што бараат. Само вратете ми го Лучи дома – замоли поранешниот англиски репрезентативец на Инстаграм, нудејќи награда до 30 илјади фунти за враќање на песот.
Во позадината на едно од објавените видеа може да се слушне дека крадците не земале часовници во вредност од 300 илјади долари. Полицијата во Лос Анџелес не даде информација за тоа дали инцидентот бил пријавен кај нив.
Померанецот Лучи на Стариџ има сопствен Инстаграм-профил со речиси 5 илјади следачи, а фудбалерот често објавува фотографии со миленикот кој речиси секогаш го придружува на патувањата.