Американската вселенска агенција НАСА потврди дека на Месечината има вода, пренесуваат светските агенции.
– Првпат потврдивме присуство на вода на страната на Месечината осветлена од Сонцето, со помош на телескопот „софиa“ – напиша на Твитер шефот на НАСА, Џим Брајденстин.
Во неговиот твит се наведува дека допрва треба да се испита дали водата на Месечината може да се користи како ресурс, но оти сознанието за нејзиното присуство на Земјиниот сателит е клучно за идните планови на вселенската агенција. Деталите за ова истражување ќе бидат соопштени наскоро. Според научниците, ова откритие потврди дека водата на Месечината не е ограничена само на студени и карпести места. „Софиa“ откри молекули на вода во кратерот Клавиус, еден од најголемите видливи и од Земјата, сместен на јужната хемисфера на Месечината. Претходните набљудувања на нејзината површина открија некаков облик на водород, но не успеаја да направат разлика меѓу вода и нејзиниот хемиски сродник хидроксил.
– Имавме назнаки дека водата каква што ја познаваме може да биде присутна на сончевата страна на Месечината, а ете сега дознавме дека навистина е таму. Ова откритие го доведува во прашање нашето досегашно истражување на површината на Месечината и поставува интригантни прашања за ресурсите релевантни за истражување на длабоката вселена – изјави Пол Херц, директор на Одделението за астрофизика во Дирекцијата за научни мисии во седиштето на НАСА во Вашингтон.