Седумдесет милиони години постоење и 40 години распаѓање. Како луѓето ја загрозиле јагулата?!

До пред само триесет години, јагулите беа толку чести и вообичаени, што во Франција биле етикетирани како штетници што ги уништуваат риболовните места. Но денес ова животно е загрозено од човековата активност и е во опасност од исчезнување, предупредуваат научниците и еколозите.
За помалку од половина век, ситуацијата драматично се промени: популацијата на европската јагула падна на само 10 проценти од 1960-тите и 1970-тите години.
– Алармиравме уште во 1980-тите години, но дури во 2007 година Европската Унија побара од членките да го заштитат видот – рече Феунтеун, професор по морска екологија во Националниот природонаучен музеј во Франција.
Денес, европската јагула се наоѓа на листата на критично загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата. Критично загрозените видови се категорија на загрозените видови, која ги вклучува и американските и јапонските роднини на европската јагула.
И јагулата во Охридско Езеро исто така е на критичната листа, а според упатените, неколку причини доведуваат до лошата состојба.
– Европската јагула веќе подолго време се наоѓа на листата на критично загрозен вид. Причините за ваквата состојба на европската јагула во светски рамки се многукратни. Како прва и основнa причина е преградување на реките и спречување на слободниот пат на јагулата при нејзиното напуштање на слатките води кога се упатува за мрест во Саргасово Море, како и спречувањето на враќањето на подмладокот на јагулата во слатките води. Ваквото преградување на реките е најчесто со изградба на брани за хидроцентрали по должината на течението на реката кон морето.

Со изградбата на хидроцентралите „Глобочица“ и „Шпиље“ во Македонија, во периодот од 1960-тите години, како и три-четири други брани на територијата на Албанија изградени подоцна на реката Дрим, спречен е патот на јагулата од Охридско Езеро и реката Црн Дрим кон Саргасово Море, како и враќањето на подмладокот од морето кон Охридско Езеро. Поради штетите што се прават врз популацијата на јагулата, Електростопанство на Македонија уште тогаш со самата изградба на браните се обврзало да врши порибување со подмладок од јагула што ќе се набавува од други држави чии реки гравитираат кон морето – вели Трајче Талевски, раководител на Одделението за ципринидна фауна при Хидробиолошки завод – Охрид.
Тој е експерт за риби и многу години го следи опстанокот на јагулата во Охридско Езеро. Како што вели, порибувањето од ЕСМ би требало да се врши со околу 700 килограми подмладок годишно.
– Во 1980-тите години поради подобрите особини за одгледување во Европа за потребите на аквакултурата се воведе јапонската јагула. За жал, со увозот на живи јагули, во водите на Европа се внесе паразит што предизвика големи штети и заболувања кај европската јагула. Овој паразит го оштетува воздушниот меур при што врши перфорација или продупчување на меурот кај заболените риби. Вака заболените риби, меѓу кои и јагулата со перфориран воздушен меур, умираат и пропаѓаат во водата без да бидат забележани – објаснува Талевски.
Поради прогласувањето на јагулата за загрозен вид, исто така е забранет увоз на подмладок во земји што не се членки на Европската Унија, па и порибувањето во наредниот период ќе биде тешко изводливо, смета нашиот соговорник. Така што исчезнувањето на јагулата во Охридско Езеро не зависи само од нас, од државата и од надлежните институции, туку и од надворешни фактори на кои не можеме да влијаеме.
– Популацијата на јагулата во Охридско Езеро е доведена во многу лоша состојба. Се предвидува дека во наредните години состојбата ќе биде уште позагрижувачка поради климатските промени. Имено, се забележува промена на текот на Голфската струја, со чија помош подмладокот од јагулата од Саргасово Море пасивно се движи кон копното на Европа и Западна Африка и Медитеранот, од каде што најчесто во изминатиот период се набавуваше подмладок од европска јагула. Ваквата промена на текот ќе услови Голфската струја да се движи подалеку од брегот и утоките на реките, па влезот на подмладокот во полусолените вливови во реките ќе биде дополнително отежнат – дополнува Талевски.
Сложениот животен циклус на јагулата ја прави ранлива на широк спектар на човечки активности, вклучувајќи и прекумерен риболов на видот што е омилен деликатес во Азија.


Како се заштитуваат јагулите?

Од 2012 година, Јапонија, Кина, Тајван и Јужна Кореја соработуваа со квоти за риболов за да ги зачуваат јагулите во нивните води. Но само ограничувањата за риболов не се доволно ефикасни, велат експертите. Дополнително, на јагулите треба да им се помогне да ги надминат бариерите за миграција, а младите јагули треба да се преселат во области каде што недостигаат или значително се намалени. Кога станува збор за вештачката репродукција, заробените јагули немаат тенденција да се размножуваат природно, додека вештачкото оплодување е можно, но многу скапо.


Дали јагулите можат да исчезнат?

Се верува дека јагулите живееле уште пред 60-70 милиони години, но до денес се откриени само 19 различни видови и подвидови. Според научниците, на некој начин, јагулите се „суперприспособливи“ суштества. Тие можат да се размножуваат таму каде што повеќето риби не можат да најдат храна, бидејќи младите јагули може да се хранат со мртви и распаднати растителни и животински материи.