Монструозен проект на ЦИА
Естер Шриер имала тешко детство, рано ги изгубила своите родители, па ја одгледале роднини. Но таа била паметна, вредна и упорна девојка и по завршувањето на медицинското училиште се вработила како медицинска сестра во Еврејската општа болница во Монтреал. Со својот иден сопруг Хаскел Шриер се запознала на состанок на слепо и се венчале во 1955 година. Три години подоцна, таа родила девојче, но, за жал, бебето починало по три недели како последица од инфекција на стафилокока. Естер била неутешна и депресивна и се чувствувала виновна за смртта на детето. Во раните 1960-ти, таа повторно забременила. Бидејќи и понатаму продолжило да ја измачува чувството на вина, нејзиниот сопруг се обратил кај истакнатиот психијатар Еван Камерон од Психијатриската болница во институтот „Алан мемориал“. Но Хаскел не знаел дека Еван Камерон соработува во тајниот проект МК-УЛТРА, започнат од американската разузнавачка агенција ЦИА.
Целта на овој проект била контролирање на човечкиот ум со употреба на дрога и методи како хипноза, а од јануари 1957 година до септември 1960 година, ЦИА му дала на Камерон средства во износ од денешни половина милион долари. Бремената Естер Шриер поминала еден месец во т.н. просторија за спиење каде што пациентите биле носени во состојба на кома предизвикана од дрогата. Камерон верувал дека доведувањето на умот на пациентите до детска состојба – со лекови и електрошок-терапија ќе му овозможи да го „репрограмира“ нивниот ум.
Дел од неговиот режим на репрограмирање го вклучувал и она што тој го нарекол „психичко возење“: пуштање снимени пораки на пациенти 20 часа на ден, без разлика дали спиеле или биле будни. Но еден месец од терапијата речиси ја уништила Естер. По напуштањето на психијатриската болница, таа не го препознала својот сопруг, не можела да голта или да зборува и страдала од инконтиненција. Но продолжила да оди на третмани со електрошокови кај д-р Камерон сè додека не го родила синот Лојд во септември 1960 година. Се наоѓала во толку лоша состојба што едноставно не можела да се грижи за бебето. Естер Шриер починала во 2017 година на 84-годишна возраст, а според нејзиниот син Лојд, и покрај сè низ што поминала, успеала да живее исполнет живот.
– Било лудо да се прават вакви експерименти врз бремена жена. Мислам дека сум имал среќа затоа што немав сериозни последици. Единствено што во училиштето бев побавен од другите деца – вели Лојд Шриер, еден од соговорниците во неодамна емитуваниот истражувачки серијал „Брејнвошинг“ на американската „Си-би-ес“, кој беше посветен на озлогласениот проект МК-УЛТРА.
Стотици роднини и потомци на пациентите, врз кои Еван Камерон спроведувал монструозни експерименти, сега бараат парична компензација и извинување од канадската влада. Имено, документите од кои била тргната ознаката за тајност покажуваат дека канадската влада во 60-тите години на минатиот век не само што знаела дека проектот МК-УЛТРА се спроведува и во Канада туку и ги финансирала застрашувачките експерименти на д-р Камерон. За време на раниот период на Студената војна, ЦИА била убедена дека комунистите откриле лек или техника што ќе им овозможи да го контролираат човечкиот ум. Како одговор на тоа, ЦИА започнала своја тајна програма, наречена МК-УЛТРА, во потрага по лек за контрола на умот, што може да биде оружје против непријателот. Проектот го водел хемичарот д-р Сидни Готлиб.
– Некои од експериментите на Готлиб биле тајно финансирани на американски универзитети и истражувачки центри, додека други биле извршени во американски затвори и притворни центри во Јапонија, Германија и Филипини. На пример, во проектот биле вклучени познатиот универзитет „Харвард“, „Колумбија“, Технолошкиот институт во Масачусетс, „Вандербилт“ и други – вели новинарот Стивен Кинцер за Јавното национално радио.
Кинцер го истражувал проектот МК-УЛТРА неколку години и кон крајот на минатата година ја објави книгата „Главен трујач: Сидни Готлиб и ЦИА во потрага по контрола на умот“.
Тимот на Готлиб се состоел од разновидно друштво, имало хемичари, ладнокрвни шпиони, хипнотизери, љубители на електрошокови и нацистички лекари што на Американците им ги пренеле своите богати и монструозни искуства од експериментите во концентрационите логори. Покрај ЛСД, во експериментите на ЦИА се користеле и мескалин, кокаин и марихуана.
По првичните експерименти со ЛСД, во кои биле вклучени доброволци, Готлиб ги проширил испитувањата на затвореници.
Според истражувањето на новинарот Кинцер, многу од учесниците во експериментите на Готлиб биле изложени на психолошка тортура, почнувајќи од електрошокови до високи дози на ЛСД. На пример, во еден проект, деца на возраст од шест до 11 години на кои им била дијагностицирана шизофренија, примале ЛСД секој ден во период од шест недели.
Проектот МК-УЛТРА запрел во 1973 година кога тогашниот американски претседател Ричард Никсон го отпуштил Ричард Хелмс, директорот на ЦИА и заштитник на Готлиб. Но пред да започне судењето или истрагата на Конгресот, Хелмс наредил да се уништат сите документи што зборуваат за монструозниот проект.