Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „Фх3х“ учествуваше во креирањето на визуелните ефекти во филмот „Одмаздници: војна на бесконечноста“, номиниран за „оскар“.
Номинациите за 91-то доделување на „оскарите“ беа објавени во театарот „Семјуел Голдвин “ во Лос Анџелес, од страна на Трејси Елис Рос и Кумал Нанџани. Номинирани филмови за најдобри визуелни ефекти во изминатата година се:„Кристофер Робин“, „Одмаздници: војна на бесконечноста“, „Првиот човек“, „Подготвен играч број еден“, „Соло: приказна за Војна на ѕвездите“.
– „Фх3х“ изминатата 2018 година ја започна со реализирана цел, која беше една декада испланирана во портфолиото на компанијата: „Војна на ѕвездите: последниот џедај“, со што конечно се исполни стремежот да се работи на една од најпознатите франшизи во филмската индустрија, особено кога се во прашање визуелните ефекти. Во текот на 2018 година беа реализирани 20 проекти, од кои 16 во филмска и четири во телевизиска продукција. Во првата спаѓаат: „Црниот пантер“, „Томб Рајдер“, „Одмаздници: војна на бесконечноста“, „Дедпул 2“, „Јурасик светот: паднатото кралство“, „Израмнувач 2“, „Шпионот што ме откачи“, „Мег“, „Невозможна мисија: Пребројување“, „Предатор“, „Венум“, „22-та милја“, „Крид 2“, „Аквамен“ и „Мери Попинс се враќа“. Проекти во телевизиската продукција беа филмовите: „Кутија за птици“ и „Кралот одметник“, „Ураган“ и сериите „Стар трек дискавери“ и „Игра на тронови“ – информираат од „Фх3х“.
Компанијата досега реализирала 135 проекти, од кои 120 филмски и 15 телевизиски.
– Од филмовите на кои сме работеле,18 биле номинирани за „оскар“. Од телевизиските проекти, четири добиле соодветни телевизиски номинации или награди. Филмови од кои беше дел „Фх3х“ а кои добија „оскар“ се: „Златниот компас“ во 2008 година, „Животот на Пи“ во 2013 година и „Ранго“, кој освои оскар за анимација во 2012 година – соопштија од „Фх3х“.