Публиката ќе има можност да ги види финалните производи на „Модниот викенд“, кој ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на градот Скопје
Со тридневна работилница под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, започна реализацијата на проектот „Нитка“, чии учесници ќе ѝ се претстават на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на јубилејното 20-то издание на „Моден викенд Скопје“.
Како може да преживее древното занаетчиство во современиот свет? По иницијатива од македонското модно здружение „Концепт моден кластер“, практични одговори на ова прашање ќе понуди групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, да експериментираат и да се усовршат во, за нив, сосема непозната сфера.
Во наредните две седмици, пред нив е креативниот предизвик – да ги сплотат различните модни визии, па рачно да сплетат оригинални и модели што ќе може да се носат, работејќи во тандеми.
Според менторката Ирина Тошева, поврзувањето на генерациите за пренос на занаетчиските вештини е од исклучителна важност, бидејќи наскоро постои можност да паднат во заборав.
-Убавината и културната мудрост на вековната изработка се наоѓаат на работ на истребување насекаде низ светот. Висококвалификуваните занаетчии станаа „загрозени видови“, бидејќи новите генерации немаат интерес за учење и за примена на овие техники. Со соодветните алатки, материјали и менторство, младите креативни умови ќе создадат навистина уникатни брендирани производ – вели Тошева.
Со помошта од здружението на жени „Цвет Крушево“ и Светлана Димитријевиќ, учесниците научија различни техники на плетење, кои допрва ќе ги преведат на модерен начин во нивните дизајни.
Публиката од земјата и од странство ќе има можност да ги види премиерно и во живо финалните производи на претстојниот „Моден викенд Скопје“, кој ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на градот Скопје.
Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.