Енеа Сермази, италијански архитект
Тековните трендови во планирањето на здравствената инфраструктура го ставија пациентот на прво место. Старите болнички кампуси беа кампуси со толку многу згради каде што требаше бесконечно време за движење од една зграда во друга и каде што услугата не беше искусена како соодветна. Денес визијата за болницата е променета, вели Сермази
Енеа Сермази е директор за меѓународна соработка и проектирање големи објекти во „Политехника“. По повод Денот на италијанскиот дизајн и италијанската архитектура во светот, одбележан од Амбасадата на Република Италија и ИТА, тој го посети Скопје и беше дел од прес-конференцијата за новиот проект „Паметни градови – Градови на иднината“. Енеа Сермази ги споделува своите искуства и нуди решенија за тоа како Скопје да стане паметен и одржлив град, како врвните достигнувања на италијанскиот дизајн во доменот на урбаното проектирање и планирање.
Ваша специјалност се здравствените објекти… Какви се вашите визии за овој тип објекти во Скопје?
– Ние одбравме да ги претставиме нашите визии за здравствени установи затоа што мислевме дека овој тип инфраструктури се стратегиски и како проекти се среднорочни и долгорочни. Болницата е структура што треба да има живот од најмалку 20-30 години и таа се вклопува многу добро во урбаните визии што ги развивме. Тоа се структури што имаат многу силно влијание врз територијата, бидејќи тоа се мали градови, каде што има илјадници луѓе што се движат, пристигнуваат и си заминуваат секојдневно. Тоа се посетителите, пациентите, членовите на семејството, и важно е да се направи архитектонско урбанистичко планирање на овие структури, кои треба секогаш да бидат интегрирани и никогаш да не се одделуваат (одвојуваат) од контекстот во кој се планираат. Потребни се големи напори, визија од страна на градските планери, архитекти, од носителите на одлуки. Во суштина, тоа се инфраструктури за кои е потребна голема флексибилност. Планирањето е секогаш многу комплицирана практика, бидејќи постои грижа да не се предвиди што ќе донесе иднината, и навистина неа никој не може да ја предвиди. Ние треба да бидеме во можност да создадеме структури што се доволно флексибилни за да се приспособат на она што ќе се случува за 10-20 години. Ова е нов начин на гледање на архитектурата.
Како ги оценувате здравствените установи во Скопје и во Македонија?
– Во моментов ние тука во Скопје зборуваме за постојните стари структури, кои често датираат од 1950-тите и 1960-тите години. Мислам дека повеќе или помалку таа е староста на постојните болнички инфраструктури, кои се развиле во рамките на еден урбан контекст во кој сега повеќе нема здив. Тие се наоѓаат во густо урбанизирани средини и не дозволуваат проширување и развој. А да се успее да се развие болница во еден град на иднината или дури да се реновираат овие системи е речиси невозможен предизвик. Затоа, треба да ги преиспитаме овие структури, кои треба да бидат поставени на места каде што флексибилноста на нивната експанзија ќе биде основен елемент, клучен елемент.
Што треба да биде на прво место при градба или обнова на постојните објекти од овој тип?
– Тековните трендови во планирањето на здравствената инфраструктура го ставија пациентот на прво место. Старите болнички кампуси беа кампуси со толку многу згради каде што требаше бесконечно време за движење од една зграда во друга и каде што услугата не беше искусена како соодветна. Денес визијата за болницата е променета. Создадени се услуги што се насочени кон потребите на лицето.
Тоа ни овозможува да разгледаме, повторно да разговараме за целото планирање, особено за архитектонското планирање на овие структури и да ѝ дадеме силен човечки отпечаток на структурата. Бидејќи тоа е местото каде што оние што ја имале несреќата да бидат таму како пациенти, ги чувствуваат работите на сопствената кожа, а постојат толку многу елементи што, можеби, се занемарени, кои се фундаментални, а кои можат да ја направат разликата. Многу е важно да се создаде место за надминување на тешките моменти и како пациент и како член на семејството или на операторите што се таму секојдневно. Ние тука ги донесовме нашите искуства, сведоштва, каталози на проекти, не само од Италија каде што многу работиме во областа на изградба на болници, туку исто така и од цела Европа. Денес заеднички фактор е токму граѓанинот, човекот е во центарот на архитектурата, и по мое мислење, ова треба да биде визијата за следните 20 години, исто така и за Скопје.