Манифестацијата „Денови на европско Скопје“, која е поддржана од Град Скопје, и оваа година по повод Денот на ослободувањето на Скопје реализира низа активности, работилници, изложби. Во рамките на манифестацијата работилница одржа и фотографот Љупчо Илиевски, кој се обиде преку фотографија да ја поттикне креативноста кај средношколците.
– Пред четири години почна една манифестација насловена „Денови на европско Скопје“ во која со задоволство учествувам. Тоа е проект на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје, кој изобилува со културни настани, но на сосема поинаков начин презентирани. Авторка на манифестација, која ја осмисли и ја реализира, е Елизабета Кузмановска. Лично би сакал да издвојам два настана што се специфични и вредни за почит. Едниот е конкурс за новинарите – пишување есеи за Скопје и интерактивно предавање од областа на фотографијата. Се гордеам што им пренесувам знаење веќе четири години на учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и на средношколците од сите средни школи што се заинтересирани за фотографија – вели Илиевски. Работилницата се состои од два дела.
– Прво се собираме на местото каде што треба да се презентира темата, да се разговара и да се изработи со фотографскиот апарат, потенцирајќи што е значајно и кои се препознатливи елементи на тој дел од градот и поради тоа, зошто може и треба да се фотографира. Така започнува работилницата, која наликува на еден магичен круг што започнува со разговор, па следуваат фотографирање, селекција, изложба и завршува со награди за најдобрите учесници. Оваа година темата беше „Фремови од чаршијата“, како еден од најзначајните белези на градот. Чаршијата изобилува со мотиви, при што каде и да се свртите имате нешто да фотографирате. Џамии, цркви, тврдината Кале, занаетчиите, амамите, ановите, излозите на дуќаните итн. – дополнува Илиевски.
Тој е задоволен од одзивот и заинтересираноста на учениците, како и од нивните креативни решенија. А најдобрите дела беа изложени во една групна изложба на фотографии.
– Оваа година видов многу интересни видувања во фотографиите, добри решенија и уште подобри кадри. Сè на сè многу добри фотографии.
Знаете, на многумина им беше прва групна изложба, нивниот сјај во очите, широката насмевка помешана со гордоста во мигот е нешто што не може да се опише, но може да се доживее. А тоа е нешто што ме прави горд – вели фотографот.
Целта на проектот „Денови на европско Скопје“ е да поттикне креативност, автентични идеи и иновативен дух кај младите архитекти, сликари, фотографи, новинари и уметници.