Иако во последно време повеќе сме навикнати да ја гледаме Скарлет Јохансон во некоја акција или трилер, актерката може сите да нѐ изненади со нејзината нова улога во комичната драма „Брачна приказна“. Новото остварување на режисерот и сценарист Ноа Баумбах ја носи приказната за постапката на развод од гледна точка на брачна двојка со едно дете.
Во филмот, Скарлет ја толкува улогата на Никол, успешна актерка што го оставила Холивуд за да глуми во театарот на нејзиниот сопруг Чарли, кој го игра актерот Адам Драјвер. Нивниот развод дополнително се комплицира поради нивниот син. Иако тие мислат дека пријателски ќе се разделат, целата приказна ќе се претвори во голема емоционална битка.
Актерката претходно призна дека ја прифатила улогата во „Брачна приказна“ по неколку чаши вино.
– Се сретнавме со режисерот, тој ми рече дека има понуда за мене, но не ми откри за каков филм станува збор. Нарачав вино, тогаш поминував низ тежок период поради разводот. По неколку чаши, почнав да му се жалам, а тој ми рече дека сака да ми понуди филм токму за развод – изјави Јохансон.
Филмот премиерно беше прикажан оваа година на филмскиот фестивал во Венеција, а наскоро ќе започне да се прикажува и во кината низ светот, по неговата премиера, која е закажана за 6 декември во САД.