Блузот како музика и култура е сето она што напатениот црн човек го мисли и чувствува. И повеќе од тоа, блузот е тоа што Афроамериканците се. Блузот, како најстар од сите легитимни жанрови на рок-музиката, и нивен прародител, е стар толку колку што е и присуството на црномурестите робови на почвата на американскиот континент. Опфаќа период од раниот селски фолклор на јужните држави во САД, па до комерцијализираниот рокенрол од Чикаго, Мемфис, Нешвил и Њујорк. Оваа музика пее за душевната и духовната состојба на откорнатите луѓе од Африка, и хроничарски ја опева нивната бедна и напатена егзистенција.
Почитуваниот професор Кирил Темков во својата книга „Џез – естетика и антропологија“ (Библиотека Федкин, 2017, Кавадарци), ќе запише дека џезот е ноктурален феномен. Музика на ноќта. Додавам, дека блузот е „крваво“ ноктурно на црниот човек. Елегија, тажна, многу тажна, исполнета со стравови, празнотија, измачување. Сево ова ја чини таа атмосфера наречена „блузи“ (bluesy), термин што тешко се преведува, ама е најблизок на состојбата кога црномурестите афроамериканци говорат „I have the blues“, сакајќи да го искажат својот очај, во кој западнале, и тагата што ги зафатила. Тоа е тој блу тон (blue note) – син тон, тон на човечката душа, тон што доаѓа од најдлабоките нејзини дамари. Овој тон за блузот е безмалку сѐ: 100 нијанси на синило, синевина, синоличност и синодејност, кои ги нијансираат сите карактеристики на блуз-музиката и ја издигнуваат на ниво на музичка филозофија и морал, со аура на суптилност, софистицираност и елеганција. А токму такви се првите блуз-записи, направени од Вилијам Кристофер Хенди, кој е познат како татко на блузот. Станува збор за нумерите „Memphis blues“ и „St. Louis Blues“ од 1912 г. Подоцна ја издава својата блуз антологија од 1926 година. Во 1920 г. Мами Смит се прославува со нумерата „Crazy blues“, а Ма Рејни во тој период создава оригинален блуз-стил, различен од дотогаш познатиот блуз. Но кога се пишува за блузот, не смее да се заборави нултиот блузер, Хенри Слоун. Тоа е човекот – нулти блузер, кој сите други ги научи да свират и пеат блуз. Митска фигура на блузот што создаде нов модел на однесување на слободните црнци.
Човек што ја поведе културната револуција за нивното самоосвестување, која подоцна ќе ја следат сите блузери и ќе создадат модел што ќе се спроведува низ крвотокот на популарната музика. Тој е и човекот од кој Чарли Патон, првата голема ѕвезда на блузот, ќе ја научи блуз-абецедата. Веднаш до него е и Роберт Лирој Џонсон, најславниот делта-блуз музичар и виртуоз на гитара. Го нарекуваат дедо на рокенролот, бидејќи со своите вокални фрази, оригинални песни и гитарски стил извршил влијание на Боб Дилан, Џими Хендрикс, Ерик Клептон, „Ролингстоунси“ и многу други ѕвезди на рокенролот. За него Клептон ќе каже дека е најзначаен блуз-музичар што било кога живеел. Доаѓаме до царицата на блузот Беси Смит и Кралот на Џезот Луј Армстронг, кои соработувајќи на нумерите „St. Louis Blues“ и „Reckless Blues“, всушност го создале централниот аспект на блуз-етосот – меланхолијата проткаена со тага. Токму во нив е и есенција на оваа музика.
За сите нив е карактеристично што го создаваат блузот како супкултура на цречкото гето. Затоа тие сите се народ на блузот, а блузот е црначка музика во бела Америка. Ете, таквата блуз музика го изразува и совладува нивниот страв, го вади од празнотијата, ги спојува тагата и радоста, отвореноста и затворањето во себе и ја јакне страста за бекграунд, но и за поглед и чекор нанапред. Токму оваа музика извршила големо и силно влијание врз развојот на популарната музика, а особено на рокенролот. Најпрвин се раѓа од секуларната црнечка музика на почетокот на 20 век, а со текот на времето во својот развој вклучува повеќе субжарнови, кои можат да се лоцираат на разни историски и географски одредници. Според Јулијана Жабева Папазова тие се: кантри блуз, класик блуз, џамп блуз, Чикаго електрик блуз, Бритиш аренби/блуз рок и др. (Популарна музика – теорија и историја, Темплум, Скопје, 2014). Во 1954 г. се појавува рокенролот како девијација на блузот и ритам и блуз-жанрот, кој во текот на 1960-тите ќе се развие во две насоки: рок на црномурестите музичари, познат како соул, и англо-американски рок, произлезен од Ливерпулската школа („Битлси“и „Ролингстоунси“). Подоцна и Ерик Бардон, Ерик Клептон, Муди Блуз, Крим, Јардбирдс, Џо Кокер, Донован и др. ќе ги насочат своите музички изведби кон блузот, исто како што во САД тоа ќе го направат и Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Френк Запа, Зи-Зи Топ. Сите заедно врз темелите поставени од Муди Вотерс, Б. Б. Кинг и Џон Ли Хукер, ќе го надградат моќниот, доминантен и автентичен рок-блуз, за кого повеќе ќе пишуваме во некоја наредна пригода. Да заклучам: блузот и ритам и блуз-музиката, како урбан современ израз на блузот, се изворот на новата популарна ревитализација – раѓањето на рокенролот како нивно музичко чедо. Во таа смисла рокенролот е облик на блуз на класата Американци на кои им недостига префинетост за да бидат средна класа. Станува збор за Американци, кои беа повеќе од наивни за да го попримат вкусот на главниот американски тек. Блузот е човечка неизбежност и животна нужност. Никогаш не губи врска со животот, а секогаш пее/зборува за поединечно искуство и доживување. Во блузот многу ретко се пее за среќа и задоволство. Тој е поезија на мечтаењето, најчесто тоа што никогаш не се остварува. Затоа во таа и таква поезија има многу лична јанѕа во светот на суровата реалност.
Сотир Костов